1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Младите во Македонија незаинтересирани за сопствен бизнис

Свето Тоевски4 јуни 2012

„Осмели се!“ – „Направи го првиот чекор!“ – ваква кампања спроведува Владата на РМ од втората половина на 2011 година, заради поттикнување и развој на претприемничкиот дух кај младите.

https://p.dw.com/p/157O6
Фотографија: picture-alliance/dpa

Дојче веле ги праша експертите и луѓето од праксата на претприемништвото: какви се шансите кампањата да даде резултати, како ја прифаќаат младите во земјата?

Марија Зарезанкова-Потевска, експерт за претприемништво од Економскиот факултет на ФОН универзитетот во Скопје, коментира:

„Кампањите на актуелната Влада за поддршка на младите луѓе за да влезат во претприемничкиот процес, во светот на стопанисување со реализирање на нивните идеи е потег, кој покажува дека Владата има намера нешто да помогне на овој план. Но, само со кампањи не може да се постигне задоволителен резултат на планот на поддршката на претприемништвото и неговиот развој, затоа што треба да постојат системски мерки на долг рок, кои ќе даваат резултати.“

„Потребни се системски и долгорочни мерки“

Љупчо Деспотовски, раководител на Фондацијата „Претприемнички сервис за млади“ од Скопје, фрла поглед на конкретната состојба во праксата:

„Во ситуација кога, всушност, партиската книшка е услов за влез и шанса за наоѓање на сигурно работно место, пред се, во државната администрација, ретко кој млад човек се осмелува да започне свој бизнис. И тие што го прават тоа се навистина оние најхрабрите. Очајно е мал бројот на млади што размислуваат и се осмелуваат за започнување со бизнис.“

Овие месеци министрите за образование и за економија организираат по универзитетите манифестации наречени „Викенди на претприемништво“, ги поттикнуваат студентите да изработуваат иновативни бизнис-планови и им доделуваат наградите на најуспешните.

„Ваучери за иновации“

Министерот за економија Валон Сараќини вели за ДВ:

„Владата и Министерството за економија имаат посебни програми за поттикнување на претприемничкиот дух кај младите. Тука ги имаме ваучерите за иновации со вредност до 5 илјади евра, го имаме проектот за самовработување каде што има буџет од околу 140 илјади евра. Тука е и проектот за поттикнување на младите. Конкретните програми, мерки и активности што ги преземаме веќе даваат конкретни резултати.“

Regierungsgebäude der Republik Mazedonien
Фотографија: DW

Професорката Зарезанкова-Потевска се надоврзува:

„Младите не се охрабрени, не се потпомогнати и затоа со право се плашат да влезат во таа авантура со претприемништвото. Кај нас се уште постојат низа пречки, кои што не придонесуваат кон непречен развој на претприемништвото.“

Административни бариери

Веланд Рамадани, професор по претприемништво и бизнис-економија во Економскиот факултет во Штуловиот универзитет во Тетово, истакнува што се случува во Македонија:

„Административните пречки се намалуваат со новите реформи, барем според нашите закони и признанијата кои Македонија ги добива од ’Дуинг бизнис’. Но, нашите информации од секојдневието укажуваат дека она што стои во нашите закони не се применува во секојдневието токму така. Некои од административните бариери се уште постојат. Во јавната и државната администрација нема веќе место за нови вработувања и младите мора преку нивните знаења и вештини да испробаат нешто ново. На овој план Владата треба да им стои на располагање со одредени олеснувања, помош и слично. Претприемачите бараат целосно ослободување од даноците во првата година од работењето, а потоа во наредните неколку години помали даноци, се додека не застанат на ’здрави нозе’ нивните бизниси.“

Зарезанкова – Потевска конкретизира:

„Ако тие кампањи не бидат обезбедени со одредени фондови, тогаш младите ќе се разочараат и никогаш нема повеќе да сакаат да работат нешто самостојно. Тие може да се стимулираат со постоење фонд за мали заеми, потоа и со кредитно гарантен фонд, кој што евентуално би им гарантирал на банките дека ќе се врати кредитот.“

Рамадани напоменува што е потребно да се активираат многу повеќе бизнис-иницијативите и претприемничкиот дух меѓу младите во оваа земја:

„Економската криза е извор за претприемнички можности, но, без реален и поволен економски амбиент за тоа тие можности ќе се сведат само на јалови кампањи и празни министерски изјави“ – заклучуваат експертите.