1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Младите во партиите: послушници или „алтернативци“?

Свето Тоевски9 септември 2013

Во Македонија има околу 70 партии, од кои едвај една третина се вистински активни. Поголемиот дел од етаблираните партии, како што се ВМРО ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ, ДПА и другите имаат свои „политички подмладоци“.

https://p.dw.com/p/19dwS
Фотографија: Petr Stojanovski

И во оваа оваа 2013. година беа организирани разни политички академии, младински форуми и други облици на „политичко тренирање“ на младите членови на сите постојни партии. Кои се целта и очекувањата од таквите „инструктажи“? Да ја подобрат внатрешната демократија во партиите, или можеби во одделни случаи да им донесат на новорегрутираните „млади политички лидери“ привилегии и осигурени вработувања по одреден период на „докажување“ и исполнување на зададените задачи во партијата, додека претседателите и раководните елити на партиите ќе добијат свои нови поданици и ќе ги „забетонираат“ сопствените позиции?

Лидија Христова, експерт за политички науки од Институтот за социолошки и политичко – правни истражувања во Скопје, укажува: „Во повеќе истражувања е согледано дека партиската припадност се перцепира како најзначаен фактор на влијание при вработувањето, напредувањето во професијата. Тука се случува еден ’брак од интерес’ меѓу младите и партиите. Со зачленувањето во партиите младите очекуваат полесно да го најдат своето ’место под сонцето’, пред се, да ја обезбедат својата егзистенција, а партиите за возврат очекуваат безрезервна поддршка.“

Тања Каракамишева, експерт за уставно право и политички систем од државниот универзитет во Скопје, се надоврзува: „ Политичката надградба, усовршувањето, стекнувањето нови знаења им носи на младите сила за политички успеси, но, тие не смеат да ги гледат овие форуми како единствен начин да 'зграпчат’ политичка фотелја, или за да се биде блиску до лидерот. Подаништвото не е демократска категорија. Уште помалку тоа може, или треба да биде алатка, која ја користи младиот човек за стекнување политички привилегии. Послушноста, идолопоклонството, слепата верба во лидерот и во партиското раководство, некритичноста и немањето младешка визија се негативни карактеристики, кои можат многу побрзо да им се „налепат“ на младите отколку на поискусните кадри. Овие карактеристики не се движечка енергија во ниту една сфера“.

Tetovo, Mazedonien
Фотографија: Petar Stojanovski

„Послушници само на сопствените идеали и верувања“

Како младите партијци гледаат на своите партии, што преземаат за да стасаат по одредено време до позициите на „возрасните?

Дарко Давитковски, потпретседател на Социјалдемократската младина на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, е категоричен: „За нас не постојат привилегирани групи и не постојат 'послушници'. Во СДСМ и во нашиот подмладок градиме вредности, а не 'партиски војници’. Не се согласувам дека младите прифаќаат ваква или таква улога, тоа им се наметнува. Тоа е еден цел систем на погрешни вредности, кој им се наметнува од страна на власта, заедно со последиците од спроведувањето на погрешните политики. Во Социјалдемократската младина младите се послушници само на сопствените идеали и верувања.“

Во изминатите денови не успеавме да добиеме соговорник и од Унијата на младите сили на ВМРО ДПМНЕ, и покрај нашите повеќекратни обиди за тоа преку Центарот за комуникации на оваа партија.

Останува да се види дали подмладоците на политичките партии и од македонскиот и од албанскиот блок ќе успеат да се профилираат како „новото лице“ на тие партии, или можеби „послушничката идеологија“, креирана во одделни партиски средини, ќе започне се‘ повеќе да се пренесува и во општеството, меѓу младите.