1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Младите Летонци спасот го бараат во ЕУ

Карл Харенброк/ Борис Георгиевски3 јуни 2012

Извештаите за големите проблеми кои ги мачат Грција и Шпанија покажаа дека членството во ЕУ не е гаранција за благосостојба. Тоа се’ повеќе го чувствуваат и жителите на новите земји-членки на ЕУ, како Летонија.

https://p.dw.com/p/14zNL
Фотографија: Goethe-Institut/Bernhard Ludewig

Кристапс Кузнецовс најчесто се вози со велосипед низ летонскиот главен град Рига. За неколку недели овој 23-годишник ги завршува студиите по градежништво и ќе стане инженер.

Во заводот за вработување тој сака да се информира за своите шанси да добие работа по добивањето на дипломата. Во Летонија стапката на невработеност е 14 отсто.

Но, понудите за работа се разочарувачки. „Овде пред се’ има понуди за работа во гастрономијата, на шанк или како келнер. Со тоа се заработува околу 300 евра месечно. Од техничките занимања се бараат машински механичар и возач на багер. За 700 евра месечно“, објаснува Кузнецовс.

Во Германија само со научен германски јазик

Ова е канцеларија за вработување во странство. Градежните инженери можат легално да работат низ целата ЕУ. Според официјалните податоци, Летонија годишно ја напуштаат меѓу седум и осум илјади луѓе. Кристапс, со своите квалификации би можел да најде работа, во Германија, на пример.

„Главното барање во Германија е добро познавање на германскиот јазик. Дури и за сезонска работа во земјоделството се бара познавање на германскиот. Без јазикот нема можности“, вели Лига Бауфале, од заводот за вработување во Рига.

Но, Кристапс не говори германски.

На главниот плоштад во Рига. Тој за својот велосипед платил 300 евра- за многумина овде тоа е месечна плата. Тие пари ги заработил на градилиште во Ирска. Но, сега сака да остане во својата татковина.

„Економската состојба ќе биде се’ полоша доколку сите млади луѓе ја напуштат земјата. Освен тоа, наскоро ќе се распадне и нашиот пензиски систем доколку младите не уплаќаат за старите. Кој ќе ги плаќа пензиите тогаш?“, загрижен е Кузнецовс.

Lettland Riga Kirche
РигаФотографија: picture-alliance/RIA Novosti

Како до работно место?

Кристапс Кузнецовс имал 14 години кога неговата земја влегла во ЕУ и кога започнал големиот економски полет. Особено успешна била градежната индустрија. Тука, на периферијата на Рига требало да биде изградена цела населба со семејни куќи. Но, инвеститорот останал без пари веќе при изградбата на темелите. Тоа не е редок случај.

Повторно во градот. Кристапс заминува во архитектонското биро. Тука често работел како студент, шефот го познава. Тој во моментов планира неколку нови проекти. Еден скандинавски инвеститор сака да изгради три нови градски населби. Шефот на бирото се надева на опоравување на економијата.

„Можам да кажам дека би го вработил доколку се остварат нашите планови и доколку почнеме со градба. Освен тоа, тој веќе има работно искуство и такви стручњаци ќе ни бидат потребни“, вели архитектот Олдис Сандерс.

Тоа за Кристапс би било прво постојано вработување во животот. На тој начин еден млад човек помалку би ја напуштил Летонија.