1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Младите- надеж за македонскиот фудбал

Златко Калински 15 мај 2012

Во сивилото со кое опфатен македонскиот фудбал во моментов оптимистичките тонови доаѓаат од редовите на младата селекција на Македонија. По 4 одиграни кола во квалификационата група за ЕП е без пораз.

https://p.dw.com/p/14vem
Фотографија: picture-alliance/dpa

Со победата над Северна Ирска со 1:0 во Куманово, Македонија остана во трката за место на Еуропеото на играчи до 21 година во која се и Данска и Србија. Репрезентативниот состав низ квалификационите искушенија успешно го води селекторот Бобан Бабунски: „Ова беше многу важна победа за нас, бидејќи остануваме во игра за едно од првите две места. На домашен терен на некој начин ја извршиме нашата задача. Го постигнавме она што го сакавме и што беше реално: освоивме 6 бода со победите над Фарските Острови и Северна Ирска и одигравме нерешено против Србија и Данска. Сега влегуваме со поголема самодоверба во натпреварите на гостински терен“.

Пред македонската селекција претстои потешкиот дел од квалификациите. Тоа е серијата од гостувања против Фарските Острови, Данска, Северна Ирска и Србија.

„Следи потешкиот дел, кога и на гостински терен треба да покажеме храбра игра како дома. Мислам дека оваа генерација е подготвувана неколку години со претходните селекции од 18, 19 и 21 година во два квалификациони циклуси. Практично, тоа се играчи со 30-40 одиграни натпревари. Може да се каже, дека се свесни и за сопствените можности и за шансата, која е пред нив“.

Препознатлив модел на игра

Оваа селекција со постигнатите резултати се разликува од другите македонски репрезентативни состави, пред се’ од сениорската?

Skopje Fußball 2011
Стадионот во СкопјеФотографија: DW

„Правиме модел и стил на една македонска репрезентација, која треба да биде пример и со која ќе можат да се гордеат сите во Македонија. Да можат навивачите да кажат: ова е стилот или начинот на играње, кој што сакаме да го гледаме, ова е нашата задача и тоа го креираме од прв момент, без разлика на проблемите со кои играчите се соочуваат во своите клубови. Сакаме секој играч да има европски стандарди и се трудиме да им помогнеме во секој поглед“.

Во Куманово, на тренерската клупа беше Бобан Бабунски, а на теренот се појави неговиот син Давид Бабунски. Ништо необично, ако не се знае дека Давид е еден од најталентираните фудбалери во Академијата за млади играчи на Барселона.

„Добар е неговиот развој, одлично напредува. Веќе чука на вратата на втората екипа на Барселона. Неколку пати тренираше и со Пеп Гвардиола. Конкретно, има добра техника и голема креативност. Во перспектива, може да биде од голема помош за репрезентацијата до 21 година“.

Бобан Бабунски има уште еден син, 16 годишниот Доријан. И тој фудбалски се обучува во Шпанија, но во конкурентската фудбалска Академија на Реал Мадрид.

„Помладиот мој син е во Реал Мадрид. Од неговите тренери и од луѓето блиски на Реал, можеме да слушнеме дека има добри фудбалски квалитети. Му претстојат уште неколку години на развој во школата на Реал Мадрид“.

Тошак, пред тежок предизвик

Бобан Бабунски е близок соработник на селекторот на А репрезентацијата Џон Тошак. Како гледа на квалификациите за Светското првенство, кои се се’ поблиску, со оптимизам или со доза на страв?

„Реално ги гледам работите, бидејќи ги запознав играчите во изминатите десетина години. Сигурно не му е лесно на Тошак, после сите овие натпревари и резултатските случувања. Сепак, се надевам дека ќе успее да го селектира во моментов најквалитетното од македонскиот фудбал за стартот од квалификациите за светското првенство“, вели Бобан Бабунски, селекторот на младата репрезентација на Македонија.