1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Младите предлагаат, да има кој да ги слушне...

Златка Пурковиќ25 септември 2012

10 години, педесетина младински лидери од 15 земји на ЈИЕ се собираат во Крушево и ги идентификуваат заедничките проблеми , нудејќи решенија до владите и парламентите, како и слики за светот во кој би сакале да живеат.

https://p.dw.com/p/16DcC
Фотографија: European Communities

Оваа година е јубилејна. Методија Стојчески, кој го води Младинскиот совет од Крушево, ги истакнува проектите кои произлегоа десетгодишното дружење.

„Еве имаме неколку младински размени кои што се поддржани од од Европската комисија, од програмата Млади во акција. Потоа имаме билатерален проект со Грција за отпочнување на соработка со организации од Македонија и Грција“.

И оваа година, вели Стојчески, ќе се испратат заеднички решенија, но без многу надеж дека на истите ќе им се пристапи сериозно од оние кои треба да ги имплементираат.

„Нема подобрување на тоа поле, досега не се прифатени забелешките што сме ги испратиле“.

Нема друга опција

Фондацијата, Фридрих Еберт, чиј преставник на Конференцијата е Нита Старова, ја финасира оваа конферанција. Целта е младите да се изборат за својата улога и позиција, бидејќи немаат друг избор.

Nita Starova
Нита СтароваФотографија: Zlatka Purkovic

„Која би била другата опција? Значи единствената опција е да се борат, да се изборат за својата позиција, да ко кажат јасно и гласно својот став, да ги кажат своите желби и тоа им е единствената опција на младите во овој регион“, вели Нита.

Дополнителните проблеми кои Балканот, а во тоа опкружување и Македонија, ги има - тоа што јужниот сосед преку сопките за влез во ЕУ ги кочи младите, како и целиот процес на евроинтеграција. Старова како решение го посочува следниот пример:

„Ако го земеме примерот на Франција и Германија,кои што долги години имале недоразбирања и конфликти, меѓутоа на крајот нашле начин за да го решат спорот и денес имаат еден добар соживот, ние како млади треба да го искористиме ова искуство“.

Младите во Хрватска се позитивно свртени спрема ЕУ, истакнува Марко Боко. Останува тие свои цели и интереси да ги стават пред останатите политички интереси на актуелната власт.

„Нашата влада изгледа не може да ги разбере проблемите на младите кои се на национално и на европско ниво. Ние се обидуваме да им укажеме во што е проблемот, но ова оди доста тешко. Но,факт е дека младите луѓе, особено студентите, ја препознаа ЕУ како добар ресурс за сопствен развој и развој на целокупното општество и се доста позитивно свртени кон ЕУ. Ова од причини што најголемиот проблем на младите е невработеноста, а сега тие имаат можност да го решат овој свој проблем“.

Проблем е и пасивноста на младите

Најголемиот предизвик за младите во Романија е да влезат во креирањето на политиките, кои ќе им овозможат решавање на проблемите, вели Михаела Болохан.

„Најголем проблем е невработеноста, потоа едукацијата, но дефинитивно е пасивноста на младите. Ние имавме една конференција на која младите беа запрашани кои се нивните проблеми, а тие не знаеа да ни ги кажат“.

„Јас сум од Врање, кое е блиску до Македонија, Косово и Бугарија“, вели Гордана Ристиќ, „и што се однесува до влезот во ЕУ, некако како постојано да ни се лизга од рацете бидејќи постојано се бараат се‘ нови и нови услови, како за Србија така и за Македонија. Хрватите го направија тој чекор и она што е добро е дека младинските организации имаат свои партнери во Хрватска и нивните искуства до пристапот кон ЕУ треба да ни ги приближат“.

Соработка меѓу Албанците и Македонците

Има многу млади Македонци кои живеат во Албанија, а исто така и Албанци кои живеат во Македонија и токму поради ова треба да се подигне нивото на соработка и разбирање, смета Ромина Бекири која доаѓа од Албанија.

„Јас како Албанка верувам дека имаме многу сличности во нашата иднина,и ова нешто е многу добро за сите нас и верувам дека е важно исто така проектите за иднината да продолжиме да ги развиваме заедно заради остварување на нашите цели“.

Тому ова е и основната цел за одржувањето на овие средби.