Многу „дупки“ во одбраната на Нинџа

Ако ист исказ како вчера Василевски дал во Обвинителството во јуни, нејасно е зошто во рамките на истрагата лицата што тој ги посочи досега не биле повикани да дадат исказ, гласи едно од клучните прашања.

Постои големо сомневање во вистинитоста на изјавите што вчера пред судот ги даде обвинетиот за учество во настаните од 27-ми април, Александар Василевски - Нинџа. Правници со кои разговараше ДВ, укажуваат на многу „дупки“ во исказот на Василевски, а кои не добија одговори ни по вчерашното испрашување во Судот. 

Според нив, особено мора да се има предвид и „минатиот труд“ на Василевски, за што сведочи неговото дебело судско и полициско досие, но и начините на кои лесно поминувал во пресудите за делата за кои бил обвинет, благодарение на негово сведочење за дела кои обвинетите ги нарекуваа „политички монтирани процеси“.

Повеќе: Бришковска го демантира исказот на Василевски- Нинџа

Како пример за тоа го посочуваат сведочењето на Нинџа во случајот „Ровер“ за убиството на Марјан Тушевски и Киро Јанев во Скопје 2001 година. Во тој случај, по цели 12 години молчење, токму Александар Василевски - Нинџа на 6 февруари 2012 „со свежа меморија“ детално раскажа за настанот, посочувајќи го поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошкоски за нарачател. Во овој предмет, Бошкоски за помагање на убиство беше осуден на 10, 5 години казна затвор. 

Десет месеци подоцна, на 12 декември 2012 година, полицијата го уапси Александар Василевски - Нинџа поради сомнение дека две недели претходно пукал во Драганчо Стојменов, клучниот сведок во случајот „Детонатор“. Нинџа е уапсен откако се криел во околината на Ченто. Само по два месеца се случи неочекуван пресврт во судскиот процес, во кој Нинџа беше обвинет за убиство, а неговиот пријател Никола Митревски за обид за убиство и помагање. Обвинителството го преквалификува делото „од обид за убиство“ во „нанесување тешка телесна повреда“, по што на 28 февруари 2013 година судот го осуди Нинџа само на казна затвор од 10 месеци, а второобвинетиот на 6 месеци.

Mazedonien Proteste im Parlament in Skopje

Правници со кои разговараше ДВ, укажуваат на многу „дупки“ во исказот на Василевски за 27 април

Политички конјуктурен сведок?

Со вакво досие и минат труд, според неговиот исказ, Василевски од 2015 година дури бил ангажиран и да работи за УБК. Откако беше обвинет за настаните од 27-ми април, по 7 месеци бегство, на 11 јуни годинава Нинџа сам се пријави кај судија во скопскиот Кривичен суд, каде изјавил дека дотогаш се криел во неговиот дом во Гази Баба. Истите искази кои вчера ги дал пред судот, рече дека ги дал и во Обвинителството.  

„Има многу нејасни работи. Како од толкава партиска машинерија во ВМРО-ДПМНЕ, во тој драматичен ден, покрај сега притворените (Чавков, Јанакиески, Божиновски) во штабот на партијата тој ги видел само Билјана Бришковска Бошковски и Спиро Ристовски? Зошто останал таму, ако таму не го нашол Сашо Мијалков, лицето кое го повикало во 'базата'? Зошто и хотелот 'Мериот' бил база на таков профил на луѓе? Каква соработка имал Василевски со поранешниот директор на УБК, Мијалков, ако наредбите ги примал од Грујевски и Бошкоски. Како успеал точно да утврди со кого разговарале присутните во партискиот штаб?“, се дел од прашањата за кои нашите соговорници сметаат дека не е обезбеден одговор.

За нив е и „многу симптоматичен“ и фактот што Василевски во исказот ги посочува токму Бришковска и Ристовски, двајца од потписниците на писмото што неодамна го обелодени поранешниот вицепремиер, Владимир Пешевски, а кои јавно повикаа на помирување и поддршка на осумте независни пратеници и на интегративните процеси на Македонија.

Gefängnis

Треба да се има предвид дека Василевски има дебело судско и полициско досие, велат експертите

„Дали од некого сега е насочен да ги наведе овие имиња? Бидејќи, ако истиов исказ го дал во Обвинителството во јуни, нејасно е зошто во рамките на истрагата тие досега не биле повикани да дадат исказ?“, потенцираат нашите соговорници.   

Откако Нинџа беше спроведен во притвор, медиумите пренесоа информации дека успеал да си обезбеди нови два мобилни телефони, откако му биле откриени и одземени други два и уште пет сим-картички. Прашањето е какви сѐ можности имал да се договара и да го надградува првичниот исказ, со текот на промените на политичката сцена?  

Теми

Повеќе: „Крвавиот четврток“ била организирана и координирана акција

Тој во ниту една прилика не го спомна врвното раководство на партијата, во чие седиште влегувал без никој да го запре. На прашањето - кој го осмислил нападот на 27 април, Василевски на судијката Кацарска ѝ одговори: „Треба да ги прашате луѓето што ви ги набројав во штабот на ВМРО-ДПМНЕ таа вечер“.

Токму неговиот брат, Благоја Василевски, телохранител, кој на 27-ми април 2017 година беше заедно со Никола Груевски во Виена, во обвинителниот акт беше посочен како лице кое му се јавило на Нинџа, по што почнала акцијата за напад на Собранието. Неговата одбрана беше дека разговорот бил само од приватен карактер за здравјето на нивната мајка, што исто така предизвикува сомнежи за „џубокс сведочење“, преку кое некои лица се заштитени во приказната, а други неаргументирано изложени.

Mazedonien Justiz Amtsgericht

Во судскиот процес за „крвавиот четврток“ остануваат уште завршните зборови

Меѓупартиски обвинувања

Со вчерашната одбрана на Нинџа, заврши давањето искази на обвинетите, по што во судскиот процес за „крвавиот четврток“ остануваат уште завршните зборови. Адвокатите на 33 обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста на државата, по сведочењето на Василевски, ќе имаат можност да достават дополнителни докази и да се подготвуваат за завршните зборови.

Сведочењето на Нинџа не ги заобиколи на меѓупартиските обвинувања. Откако опозициската ВМРО-ДПМНЕ вчера побара одговор од власта за скандалот со телефонската централа во Обвинителството, од СДСМ експресно одговорија. „Секојдневно се објавуваат нови докази, сведоштва за монструозни планови и тешки злоупотреби на партизираните институции, на МВР, на УБК, во време на режимот на Никола Груевски. Сите овие злоупотреби биле координирани од штабот на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е истата партија на која генерален секретар бил Христијан Мицкоски, човекот што добил бизниси за хидроцентрали од владата на Никола Груевски. ВМРО-ДПМНЕ е симбол за криминал и симбол за злоупотреба на институциите за најголемиот скандал за прислушување во Европа. Јавноста и граѓаните се згрозени од вистината, од начините на кои ВМРО-ДПМНЕ вработувала во УБК, како незаконски ги следела лидерот на тогашната опозиција Зоран Заев и тогашниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, како ги снимала домовите на новинари и интелектуалци противници на режимот. Започнатата истрага од надлежните институции ќе открие и кој ја нарачал, поставил и дали ја користел опремата за прислушување во Јавното обвинителство. Одговорност ќе има!“, одговори СДСМ.

Политика

Навала пред вратите на Парламентот

По изборот на Талат Џафери за нов претседател на Парламентот, од иницијативата „За заедничка Македонија“ ги повикаа граѓаните да излезат уште помасовно на протест, со цел да ја спасат државата од, како што истакнаа, влегување во сценарио од кое нема враќање назад. Толпата почна да притиска кон вратите на Собранието за да влезе во него.

Политика

Слабо присуство на полицијата

Неколку големи групи граѓани влегоа во парламентарната зграда, во пленарната сала, во фоајето и во други простории на парламентот, откако полицијата не го спречи првиот бран од граѓани кои протестираа против изборот на нов претседател на Собранието.

Политика

Незапирливо „заземање“ на Парламентот

Меѓу оние кои упаднаа имаше и маскирани лица со качулки, кои фрлаа столици во собраниските простории и медиумска опрема.

Политика

„За заедничка Македонија“ во Собранието

Во закондавниот дом завладеа хаос. Тука беа организаторите на иницијативата „За заедничка Македонија“, тука беа и министри и пратеници на ВМРО-ДПМНЕ.

Политика

Знамиња и песни

Дел демонстранти ја „зазедоа“ и Пленарната собраниска сала, каде што пееја песни и вееја знамиња.

Политика

Напади врз пратениците на СДСМ

Демонстранти навлегоа и во прес-центарот, каде што беа пратениците на СДСМ и ДУИ и почнаа да ги тепаат со столови и со сè што ќе им дојде до рака. Крвнички напаѓани беа Зоран Заев, Дамјан Манчевски, Максим Димитриевски, Радмила Шеќеринска, Хари Локвенец, Зијадин Села. Полиција немаше.

Политика

Полицијата се „разбуди“

По повеќе од еден час по почетокот на инцидентите, полицајци влегоа во Собранието и се обидоа да ги извлечат пратениците од прес-центарот, но беа избркани од толпата што ги држеше како заложници. Толпата се забарикадира во прес-центарот.

Политика

Евакуација на повредените пратеници

Некаде пред 22 часот дојдоа и специјалци, па почнаа да се обидуваат да ги вадат повредените од забарикадираниот прес-центар.

Политика

Извлечени пратениците

Кратко пред полноќ пратениците од парламентарното мнозинство беа извлечени од Собранието, а пред него и понатаму останаа насобраните демонстранти. Вкупно стотина лица се повредени, од кои четворица се пратеници. Целото Собрание е демолирано, тврдат новинари, од кои дел исто така беа напаѓани.

Политика

Шатори пред Собранието

Припадници на движењето „За заедничка Македонија“, кое ги предводи демонстрациите, кои синоќа прераснаа во безредија и насилство, поставија шатори пред Собранието и најавија дека ќе останат таму „колку што е потребно“, за да ја „одбранат Македонија“.