1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Многу прашања по масакрот во Србија

Марина Комад/ Симе Недевски10 април 2013

Во Србија денеска е Ден на жалост по страотниот масакр во селото Велика Иванча кај Младеновац. Јавноста шпекулира за можните причини за злосторството, а социолозите упатуваат на фрустрациите во општеството.

https://p.dw.com/p/18D02
Фотографија: Reuters

Незапаметеното злосторство ја шокираше Србија, но и целиот свет. Љубиша Богдановиќ (60) вчера наутро (10:04) од огнено оружје усмрти 13 лица- шест жени, шест мажи и двегодишно дете. Богдановиќ најпрво го убил својот син, а потоа тргнал натаму во смртоносен поход во околните куќи.

Изненаденост и ужаснатост

Жителите на селото Велика Иванча, соседите и познаниците, Богдановиќ го опишуваат како потполно нормален човек со кој порано никој немал проблеми. Не им е познато ни дека имал семејни, финансиски или здравствени поблеми:

Serbien Velika Ivanca Amoklauf
Фотографија: Reuters

„Беа добри соседи, добри за се’, да ти помогнат, но што се случило во мозокот- тоа никој не знае.“

„Никој во тоа не може да поверува- дека ќе го убие својот роден син, својата мајка, дека ќе го убие своето семејство, своите роднини “.

„Го познавам 33 години, никогаш немало ништо. Не може да се каже дека некој претпоставувал оти тоа може да се сучи.“

„ И јас бев на бојното поле, и тој беше на  бојното поле- но каква врска има тоа. Тоа јас не го признавам, воопшто тоа не го признавам.“

Фрустрации и очај во општеството

За тоа кои биле мотивите на убиецот, се’ уште само се  шпекулира. Можеби повеќе ќе се дознае од неговата сопруга Јаворка (60), која го преживеала масакарот со тешки повреди. Нејзината здравствена состојба за сега е стабилна и таа се наоѓа во Ургентниот центар во Белград. Самиот убиец, кој по доаѓањето во полиција се обидел да изврши самоубиство, е исто така во Ургентниот центар, во кома, и неговата здравствена состојба е критична.

Социологот Драган Коковиќ причината за ваквото злосторство ја гледа пред се’ во општеството и начинот на кој тоа се справува со предизвиците со кои се соочува: „Сигурно е дека нашето општество е во некоја дезориентација, во голема сиромаштија, имаме есенцијални и духовни фрустрации, имаме едноставно еден егзистенцијален очај.“

09.04.2013 DW Karten Velika Ivanca eng

Култ кон оружјето

Медиумите по масакарот ја пренесоа информацијата дека Богдановиќ немал досие во полиција, оти пред една година останал без работа, но и тоа дека на почетокот на 90-тите бил на бојното поле во Славонија. Социологот Коковиќ смета, сепак, дека не станува збор за т.н. посттрауматски синдром: „Јас лично сметам дека многимина кои денес го нагласуваат посттрауматскиот синдром можеби малку претеруваат во тоа, но друг момент кој е тука многу важен е тој ’култ кон оружјето’, таа вообичаена пракса на нашиот човек кој смета дека тоа е регуларен начин на решавање на некои проблеми, и чување оружје дома.“

Според некои проценки, во Србија има еден милион и 100.000 парчиња регистрирано оружје. Од полицијата потсетуваат дека пред два месеца е направен нов Нацрт закон за оружје и за муниција кој предвидува поголема контрола на луѓето кои носат оружје.