1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Многу тактизирање околу кандидатот за иден претседател на Германија

5 јануари 2004
https://p.dw.com/p/AcQs
Во германската јавност повторно заживеа и дебатата околу наследникот на Јоханес Рау на претседателската функција. Она што е до сега јасно, тоа е дека опозиционите партии на Унијата ќе го имаат главниот збор при изборот на новиот претседател, со оглед на фактот дека располагаат со мнозинството гласови во Сојузното собрание, кое треба да го донесе конечниот избор. Помалата од двете партии, Христијанско-социјалната Унија, му дава поддршка на Волфганг Шојбле, поранешен претседател на поголемата, Христијанско демократска Унија и актуелен говорник за надворешно-политички прашања во заедничката парламентарна група. Но, актуелниот шеф на христијанските демократи Ангела Меркел се' уште оддолговлекува со конечното решение за кандидатот на сестринските партии на Унијата, ризикувајќи при тоа дури да го наруши угледот на претседателската функција. Никој нема ништо против отворена и јавна дебата околу идниот шеф на државата, околу неопходните квалификации што таа личност треба да ги има и околу потенцијалните кандидати кои би ја добиле поддршката на политичките партии. Но, актуелната дебата е нешто друго, таа е полна со тактизирање и политички трикови - нечесна игра во која многумина учествуваат. Владеачките социјалдемократи не можат да протуркаат свој кандидат за иден претседател, бидејќи го немаат неопходното мнозинство гласови во телото што го бира шефот на државата. Во тоа не може да им помогнат ни гласовите на помалиот коалиционен партнер во владата, Партијата на Зелените. Тоа е автоматски и една од причините зошто Јоханес Рау, како кадар на СПД, се откажа од вториот мандат. Во ваквата ситуација, меѓутоа, актуелниот шеф на социјалдемократите, Герхард Шредер, има на готовск една посебна понуда. Тој, имено, одеднаш силно се залага на чело на државата конечно да застане една жена. Шредер дури најави поддршка на неговата СПД, доколку христијанските демократи предложат кандидат од понежниот пол. Во ваквата политичка понуда, меѓутоа, се крие подмолна тактика. Прво, во моментов нема ниту една жена со соодветен политички формат за оваа функција. Единствената што би дошла предвид е актуелниот шеф на Христијанско демократската Унија, Ангела Меркел. Но, таа веќе сега има поинтересни и секако подалекусежни планови. Меркел има намера да го замени Шредер на канцеларската функција. Шансите за тоа веќе на изборите во 2.006-та и' се навистина добри. Со ваквата понуда, канцеларот сака само да се ослободи од една непожелна конкурентка, што е прилично провиден маневар. Во меѓувреме Ангела Меркел се наоѓа се' повеќе под притисок. Веќе подолго време во игра е нејзиниот претходник Волфганг Шојбле. Сестринската Христијанско социјална Унија би ја поддржала неговата кандидатура, но Меркел одолговлекува со конечното решение. Нејзиниот однос со Шојбле е имено пореметен. Во игра е уфрлен и еден друг кандидат, поранешниот министер за екологија, кој на оваа функција беше пред Меркел, а сега е директор на еколошката програма на ОН, Клаус Тепфер. И Шојбле и Тепфер го поседуваат неопходниот политички формат за извршување на функцијата претседател на државата. Но, доколку расправата продолжи и понатаму без конечен исход, тогаш и двајцата ќе претрпат политичка штета и на крајот ниту еден од нив нема да има сериозен интерес за функцијата. Затоа раководствата на двете сестрински партии на Унијата мораат наскоро да се договорат. Од неодамна политички пируети околу идниот шеф на државата прават и Либералите. Тие најавуваат имено дека е отворена можноста да именуваат свој кандидат за иден претседател на Германија, ставајќи ја со тоа под знак прашање поддршката за кандидатот на Унијата. Должна почит за актерите на оваа игра, но мораме сепак да кажеме дека таа во политички смисол е навистина смешна. Кој впрочем би требало да го поддржи кандидатот на Либералиоте? Можеби некоја од големите партии? Како и да е, ваквите политички дриблинзи и профилирања треба наскоро да престанат. Нам ни останува само да се надеваме дека актерите на играта наскоро ќе сфатат оти го загрозуваат угледот дури и на самата функција. Впрочем, ионака станува збор за репрезентативна политичка позиција - улогата на претседателот на државата во Германија не би требало никој да ја преценува!