1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мнозинството Германци се против проширувањето на ЕУ

Нина Веркхојзер
11 декември 2016

Германците се сметаат за ангажирани Европејци, но се забележува чувство на пезимизам кон Брисел. Според едно истражување, мнозинството критички гледаат на ЕУ, а речиси 60% се противат на натамошно проширување на Унијата

https://p.dw.com/p/2TVgC
Symbolbild EU Krise
Фотографија: Getty Images/C. Furlong

Германците се незадоволни од ситуацијата во ЕУ: 62% од нив сметаат дека ЕУ се движи по погрешен пат. Тоа го покажува репрезентативната анкета која за хамбуршката фондација Кербер ја спроведе агенцијата за политички истражувања „ТНС Инфратест“. Клучното намалување на кохезија во ЕУ се случи поради Брегзит – ова е ставот на 67% од Германците, кои истовремено се залагаат за тврд пристап во преговорите за излез на Велика Британија од ЕУ.

Критички поглед кон ЕУ имаат пред сè младите на возраст од 18 до 29 години. Доколку оваа група се расчлени според политичката определба, тогаш се покажува дека најкритички настроени кон ЕУ се подржувачите на десноконзервативната партија Алтернатива за Германија (АФД). Само два процента од симпатизерите на АФД сметаат дека ЕУ е на добар пат. Такво мислење имаат 19 отсто од оние кои ја поддржуваат партијата Левица и 50 проценти од оние кои ги поддржуваат демохристијаните (ЦДУ/ЦСУ).

Каква ЕУ сакаат Германците?

Германците не сакаат поделена ЕУ, туку транспарентна и блиска до обичните луѓе. Речиси едногласно се за поголема соработка на европско ниво. „Луѓето очекуваат од Европа да функционира“, оценува германскиот министер за надворешни работи Франк Валтер-Штајнмајер. Ваквото тврдење најмногу се однесува на теми како миграцијата и безбедноста.

EU Brüssel Justus-Lipsius-Gebäude
Фотографија: AP

Сепак, во таа насока одреден напредок е постигнат. Имено, постои голема спремност кај членките на ЕУ за заедничка безбедносна и одбранбена политика, тврди Штајнмајер. Меѓутоа, за Германците тоа не подразбира и задолжително формирање на заедничка, европска војска: само 54% од испитаниците се залагаат за заеднички воени сили. Но, 84 отсто сметаат дека ЕУ би требало да има посилна улога на светската сцена.

Повеќе германско водство

Водечката улога на Германија во ЕУ исто така има широка поддршка: 59 отсто од испитаниците се залагаат за натамошно проширување на таквата улога. Од друга страна, 43 проценти сметаат дека германскиот ангажман во другите земји членки во голема мера не е препознаен. Исто така, големо мнозинство се противат на тоа на Брисел да му се стават на располагање повеќе финансиски и човечки ресурси од сегашното ниво.

Großbritannien Brexit-Proteste
Фотографија: REUTERS/T. Melville

Кога станува збор за реформирање на ЕУ, повеќето испитаници се залагаат за заедничко одлучување на сите земји членки, а само 13 проценти веруваат дека нови импулси за Унијата можат да дојдат од тандемот Франција-Германија. Сепак, мнозинството се за посилна билатерална соработка со главните германски партнери во Европа: со Франција (80%), Италија и Холандија (по 71%) и Полска (67%). Поддршката за соработка со Велика Британија е опадната.

Повеќето Германци се противат на натамошно проширување на ЕУ (64% против, 33% за). Тоа особено се однесува на членството на Турција во ЕУ против кое се изјасниле 82% од испитаниците.

Оставени на цедило за време не багалската криза

Дури 73 проценти од Германците сметаат дека решение за бегалската криза е можно само на европско ниво. Така, многу испитаници сметаат дека решението за бегалската криза е можно само на европско ниво. Поголем дел од испитаниците сметаат дека другите членки на ЕУ за време на бегалската криза ја оставиле Германија на цедило.

Најголемото мнозинство на испитаници се залагаат за поголемо учество на ЕУ во борбата против причините за оваа криза, дури и ако тоа биде поврзано со додатни финансиски трошоци (91%). Исто така, големо мнозинство ја одбива идејата за затворање на границите како можно решение на бегалската криза. Само третина од испитаниците сметаат дека договор со Турција ќе има било каков ефект.