1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мода за муслимани

21 ноември 2009

Многу муслимански жени се облекуваат самосвесно и модерно, барем во рамките во кои тоа им го дозволува религијата. Муслиманската мода има голем пазарен потенцијал, но и граници во развојот.

https://p.dw.com/p/KcOB
Модна ревија за исламска модаФотографија: picture alliance/dpa

Петок претпладне во истанбулскиот кварт Фулија. Модната дизајнерка Рабиа Јалчин седи во својот новоотворен моден салон и опуштено се смее. Работата добро и‘ оди. Никакво чудо, 43-годишната Турчинка е успешна во меѓународни рамки, со години редовно учествува на От Кутур, реномираните модни ревии во САД. Мината година дури доби и награда за иновативен дизајн. Рабиа Јалчин е муслиманка, носи жолта шамија, почитувајќи ги препораките за покривање од Коранот, но: „Обврската за покривање не значи невкусно облекување или неубав изглед. Покривањето и модата можат да одат напоредно, дури, смислата на религијата е човек да изгледа естетски, да биде чист и убав.“

Голем комерцијален потенцијал

Islamische Modenschau in Berlin, moderne Türkin
Фотографија: picture-alliance/dpa

Во согласност со религијата, но модерно облечени, ова сознание веќе со години се шири меѓу турските муслиманки. Поточно, откако власта во земјата ја освои исламско конзервативната Партија на правдата и развојот. Со тоа се создаде нов пазар со голем комерцијален потенцијал. Неодамна во Истанбул беше одржан и првиот исламски моден саем.

Таму беше претставено се‘ она што муслиманските жени без двоумење можат да го носат. На саемот беше присутен и Мустафа Челиктен со својата фирма СЕТРМС. Со очилата со модерни рамки и кратка брада, Мустафа изгледа како типичен западен дизајнер, но тој ги почитува принципите на исламската мода. „Оваа сезона постојат други концепции и идеи, но основната е иста. Фустанот е долг и широк, облините на телото не смеат да се потенцираат. Можеме да ги менуваме само боите, копчињата и модните детали.“

Burkini, der "islamische Badeanzug" - Hochformat
Бутик за исламска модна облекаФотографија: picture alliance/dpa

Се разбира, ова само до одредена мерка е во рамките на западните претстави за тоа што е мода, на запад во преден план се промените во кројот. Дали тогаш во основа исламските креатори можат да претставуваат само едни исти работи? Воопшто не, вели Мустафа, а како потврда истакнува што подготвува неговата фирма СЕТРМС за следната година: „Концептот за новата сезона гласи: Не е исто, ќе доминираат нежни бои, сива, беж, црна боја. Претходно се носеа живи бои. Украсните детали сега ги ставаме на рабовите, во аглите.“

Буркини-нови трендови

Muslima in Burkini am Strand von Newport Beach, Kalifornien
Буркини, исламски костум за капењеФотографија: AP

Посебно големата е разликата во однос на западната мода кога се работи за исламската верзија на костум за капење - буркини, кованица од двата збора-бурка и бикини. Овој костум за капење го покрива целото тело на жената. Фирмата Хасема е специјализирана за костумите за капење на муслиманките, една соработничка ни објаснува што е топ во моментов: „Најпопуларниот буркини модел оваа сезона е Раван. Го продаваме претежно во земјено-кафеава и темно-маслиново зелена боја. Тренд бои на буркини се виолетова и јарко црвена.“

Muslima in Burkini am Strand von Newport Beach, Kalifornien
Фотографија: AP

Концептот буркини кај оние кои потекнуваат од Запад предизвикува изненадување. А се чини дека и можностите за негово менување се ограничени. Модниот дизајнер Рабиа Јалчин не нуди буркини во својата колекција, но воопшто не го дели мислењето за постоење граници во исламската мода. Напротив: според неа, исламската мода едноставно има друга цел, а Западот со својата претстава за модата стигна во ќорсокак: „Саемот на висока мода ’От Кутур’ на пример се наоѓа во криза во моментот, зашто не успеа во натамошниот развој. Фиксираноста на секси изглед и инсистрирањето на уште повеќе секси има свои граници, потоа веќе нема нови идеи. Мажите ги гледаат секси облечените жени, и секогаш е присутна страст, како нешто да се откине...“

Наспроти ова, модата која ја создава Рабиа Јалчин има индиректен израз. Мојата мода е пледоаје за баланс, вели таа, воздржана, но сепак шик, таа ја потенцира личноста, не полот, а тоа е добро. Како за мажите, така и за жените.

Автор: Килијан Пфефер/ Жана Ацеска

Редактор: Александра Трајковска