1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Frankreich Männer Haushalt

17 мај 2009

„Новите татковци“ кои менуваат пелени, контролираат домашни задачи, или работат помалку поради децата, во Франција се реткост. Францускиот институт за демографски истражувања спроведе студија со поразителен резултат.

https://p.dw.com/p/Hr3q
Фотографија: picture-alliance/ dpa

Повеќето мажи од северноевропските индустриски земји, всушност, досега би требало да се еманципирани и да е спроведена широка рамноправност меѓу половите. Реалноста изгледа сосема поинаку. Ова е особено екстремно во Франција: таму мажите им ги препуштаат на жените домашните работи и воспитувањето на децата. Студијата на Францускиот институт за демографски истражувања е недвосмислена: француските татковци речиси воопшто не се грижат за воспитувањето на своите деца. Тоа и понатаму е задача на жените, иако осумдесет отсто од нив, на возраст помеѓу 30 и 55 години, се вработени. Навистина, и системот за згрижување на децата е извонредно развиен, што енормно им ја олеснува ситуацијата на родителите. Сепак, младите мајки, кои мораат да ги комбинираат семејството и професијата, трпат двоен товар. Кога ќе се вратат од работа, р‘мбањето продолжува дома. Французинките се жалат дека добиваат малку поддршка од своите партнери.

„Точно е дека Французинките се’ уште имаат многу задачи во секојдневнието. Навистина многу. Тие се амбициозни, имаат универзитетски дипломи и работат, што е важно за нивната независност. Но тие мораат, речиси сами, да ги одгледаат и своите деца“, вели една Французинка. Друга се надоврѕува на неа: „И јас сум мајка. Да, навистина е така - дека мора да преземаме многу на себе. Од домашните работи, од обврските на работното место и со децата, не ми останува време за себе. А татковците, тие мислат најпрво на себе, на своите приоритети.“

Работата во домаќинството не е задача на мажите

Тежок е балансот меѓу мајка, домаќинка, сопруга и кариерист. Сфаќањата за улогите во семејството во Франција се потрадиционални отколку во Германија. Многу мажи инсистираат на тоа дека работа во домаќинството не е нивен домен. Мошне конзервативен пристап, кој го застапува и 27-годишниот Карим од Париз. „Не, јас не сум мачо; едноставно, немам време за да се грижам за домашните работи. Повеќе сум од онаа сорта мажи, кои ги фрлаат валканите алишта во корпата и чекаат се’ додека не бидат испрани и испеглани“, вели Карим

Eltern
Французинките се жалат на мала поддршка од партнеритеФотографија: Bilderbox

Серж пак, има 42 години, бизнисмен е и патува на релација Париз – Стразбур. Тој има две деца и е еден од „новите татковци“, какви што се итно неопходни. „Да, јас се грижам за домаќинството. На пример, ја средувам градината и ги мијам садовите. Но, во моето опкружување е поинаку. Таму тоа е како принудна работа. Мажите се принудени да прифаќаат од домашните работи. Но, по своја волја не прават ништо“, објаснува Серж.

Средите - најголем проблем

Ништо подобро не е ни во однос на воспитувањето на децата. Од студијата произлегува дека улогата на таткото во голема мера е ограничена на попријатните страни од воспитувањето на децата: да си играат со ќерките и синовите, да им читаат приказни, или да ги легнат на спиење. Паскал Себиј, истражувач на универзитетот Париз-Нантер вели: „Во 80-тите години е создаден имиџот за еден нов татко. Се зборуваше за современо татковство, односно за татко кој повеќе ќе се анагжира во воспитувањето на децата. Денес мора да се каже: татковците учествуваат во воспитувањето, но не толку многу, колку што се очекуваше од нив“.

Тоа доведе до таму - приближно половина од мајките во Франција да работат со половина работно време, најдоцна од моментот кога детето ќе тргне во основно училиште. Во Франција во средите нема настава. Кој нема баба и дедо во близина или не може да си дозволи да плаќа нуну – така во Франција се викаат жените кои чуваат деца, мора да земе слободен ден од работа. И за Германката Ута, која живее во Париз со сопругот – Французин и нивните две деца, не е едноставно.

Familie, Demografie und Bevölkerung
Кој да остане на породилно боледување - мајката или таткото?Фотографија: AP

„Главно ние, мајките, се ангажираме по цел ден во средите, за да им овозможиме разонода на децата - на пример, спортски приредби, музика; во средите треба да се креира целото слободно време. И, бидејќи најчесто и без тоа имаме помали плати, свесно прифаќаме да добиваме само 80 проценти од платата на мажите, кои сепак заработуваат подобро“, објаснува Ута.

Тешко до решение

Идеално француско решение? Ни одблизу. Наспроти распространетото мислење, и во Франција оди потешко усогласувањето на семејството и работата. Тоа е повеќе последица на закоравените сфаќања за улогите на мажот и жената, отколку на системот за згрижување на децата. Значи, наместо „нови татковци“, сепак само „стари мачо типови“? „Да, тие се мачо типови. Токму така е. Мислам дека е тоа прашање на воспитување. Сепак може да се сака и мачо тип“, заклучува една Французинка.


Автор: Ен Кристин Хекман / Ана Алибегова

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска