1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Модерно ропство во Европската унија

Марина Максимовиќ/Б. Георгиевски16 април 2013

Се проценува дека 880 илјади луѓе само во ЕУ живеат во модерно ропство. Тие се присилени на работа, криминал, сексуална експлоатација. Брисел предупредува дека изостанува реакција од земјите-членки.

https://p.dw.com/p/18GSo
Фотографија: Reporter Brasil

Бројката од 23.632 луѓе е официјален број на идентификувани лица за кои се претпоставува дека во периодот од 2008 до 2010 година биле жртви на трговија со луѓе во ЕУ. Дека тоа е само мал дел од вистинските бројки предупредува Меѓународната организација за работа и проценува дека во ЕУ денес 880 илјади луѓе се присилени на работа, вклучително и на сексуална експлоатација. Официјалните податоци говорат за влошување на состојбата во последните години - бројот на потврдени жртви на трговија со луѓе пораснал за 18 проценти, а бројот на осудени е намален.

„Тешко е да се поверува дека во 2013 година во слободните и демократски европски земји луѓето можат да бидат лишени од слобода, дека се искористуваат и дека со нив се тргува како со стока и дека се третираат како робови“, вели комесарката за внатрешни прашања на ЕУ Сесилија Малмстром.

„Но, во прашање е тажна вистина, во овој момент, мажи, жени и деца се купуваат поради секс и тешки физички работи во земјоделството, градежништвото, текстилната индустрија. Тие се присилуваат на брак, работат како слуги во домаќинствата или им се вадат органи за натамошна продажба“, додава Малмстром.

Паралелно со влошувањето на економската криза, расте побарувачката за принудна работна сила во ЕУ. Од десет идентификувани жртви, седум се жени, а 15 проценти се деца. Мнозинството идентификувани „модерни робови“ во ЕУ доаѓаат од самите земји-членки (61 процент) и тоа најчесто од Бугарија и Романија. Надвор од ЕУ, најмногу жртви на трговија со луѓе има од Нигерија и Кина, а расте и бројот на оние кои доаѓаат од Бразил, Русија и Алжир. Ним им се одземаат пасошите, во најголем број случаи живеат затворени, под постојани закани, а се пуштаат само за да работат. И додека бројот на жртвите расте, се намалува бројот на осомничените или обвинетите за трговија со луѓе.

Smart Borders EU Kommission Cecilia Malmstrom
Сесилија МалмстромФотографија: picture-alliance/dpa

„Во 2008-ма, 1.534 лица се осудени за трговија со луѓе во ЕУ. Две години потоа, таа бројка се намали за 200. И покрај порастот на бројот на жртви, а намалување на бројот на обвинети, само неколку држави членки на ЕУ ја применија засилената законска рамка со цел борба против трговијата со луѓе, која ја усвоивме во 2011. година“, забележува Малмстром.

Над 20 милиони робови во светот

Брисел предупредува дека 6. април бил последниот рок за примена на новите закони со цел борба против трговијата со луѓе во земјите-членки. На национално ниво, законите по две години од донесувањето на договорот, ги примениле само Чешка, Финска, Унгарија, Летонија, Полска и Шведска.

Со законот е предвидено сите судови во ЕУ ваквите кривични дела да ги третираат еднакво остро, на жртвите да им се обезбеди подобра заштита и да постои подобра соработка меѓу земјите во превенцијата и истрагите. Европската комисија сега предупредува своите членки дека нема да се двоуми да употреби „неопходни мерки“ за да се спроведе европската директива.

Се проценува дека на светско ниво, во 2012 година речиси 21 милион луѓе, од нив 5,5 милиони деца, биле предмет на трговија, принудна работа и сексуално искористување.