1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Можат ли прегратки да го спасат ГТЦ од барок?

Катерина Блажевска13 јуни 2013

Со жив ѕид и симболично прегрнување на Градскиот трговски центар, Асоцијацијата на архитекти ќе се обиде да го спаси овој објект од барокната кошула што му ја скроија нивни колега.

https://p.dw.com/p/18oi1
Фотографија: DW

Задоцнета ли е реакцијата на Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) за одбрана на Градскиот трговски центар (ГТЦ) од барок, ако се има предвид дека во центарот на Скопје веќе доминира тој стил? Претседателката на ААМ, Даница Павловска, не се согласува дека архитектите го преспале „Скопје 2014“.

„Ако не е забележана нашата реакција на речиси секој архитектонско урбанистички зафат, тогаш се работи за селективно меморирање на случувањата. ААМ многу јасно се огради од проектот ’Скопје 2014’ затоа што тоа и го налагаше професионалната етика и совест. Декларацијата што ја донесовме на Собранието на ААМ во јуни 2010, е моќен документ кој сведочи за тоа, а е објавен и во домашни и странски медиуми“, вели Павловска.

ААМ утре (14. јуни) од 10 до 19 часот ќе организира потпишување петиција против менувањето на изгледот на ГТЦ. Од 18 часот компетентни личности, но и граѓани ќе зборуваат за вредностите на ГТЦ, а од 19 часот учесниците на протестот и симболично ќе го „прегрнат“ објектот со цел да се спротивстават на менувањето на неговиот изглед.

Одбрана на слободите

Професорот на Архитектонскиот факултет, Мирослав Грчев, вели дека одбраната на Градскиот трговски центар (ГТЦ) се‘ уште не е презадоцнета, затоа што после него веќе нема да има што да се брани.

„ГТЦ е најуспешниот, најградскиот, најскопскиот, најнародниот и најпопуларниот архитектонски објект од епската обнова на Скопје по земјотресот во 1963 година. Во него се суперпонирани врвни архитектонски вредности на кои сите македонски архитекти можат да бидат горди. Тој е архитектонската икона на Скопје - грандиозен по своите архитектонски квалитети и димензии, а воедно скромен, отворен, ненаметлив и пријателски распослан во центарот на градот. Одбраната на ГТЦ од уништување од антикултур-бригадите, скопјани треба да ја сфатат како симболична одбрана на сите слободи кои им се веќе одземени“, вели Грчев.

Останува неизвесно дали ААМ и граѓаните ќе успеат да го одбранат ГТЦ од барок со протест и прегратки. Директорот на ГТЦ, Аго Абазовски, веќе најави дека ќе почне и втората фаза од постапката, односно ќе потпишат договор со авторите на идејното решение за изработка на главниот проект за изградба и фасадно обликување на објектот.

Skopje 2014 Makedonija
Фотографија: DW

Барокна двојка

Според авторите Жарко Чаушевски и Филип Богатинов, чие идејно решение победи на конкурсот за нов лик на ГТЦ, објектот ќе добие три куполи, десетици антички столбови и тераса со скулптури на последниот кат. Оваа двојка која во јавноста веќе го доби епитетот „барокни ѕвезди“ е потписник и на стилската фасада на зградата на Владата, на новата зграда на „Водовод“, на ЕЛЕМ, на барокната зграда за администрација што допрва ќе се гради, па дури и на стилски сендвичарници.

Според законската регулатива, архитектите имаат морални права кои го штитат авторот и интегритетот на делото. Секој архитект има право да се спротивстави на менување, деформирање или осакатување на делото. Моралните права на авторите важат и по нивната смрт и се штитат од наследниците и од соодветно здружение на автори. ААМ најави дека ќе поднесе барање до Kомората на овластени архитекти и инженери за одземање на овластувањата на Чаушевски и Богатинов. Чаушевски сосема кратко им одговори на колегите.

„Според мене, сите објекти имаат иста тежина и заслужуваат еднаков правен третман. Дали одземањето на ’лиценцата’ важи само за барокот? Зарем не е истиот проблем и за сите други објекти? Или тие не се објекти, бидејќи не се проектирани од комунистичките ѕвезди“, напиша Чаушевски во својата единствена реакција.

„Деформиран бисер“

Според архитектите, ГТЦ е едно од најзначаjните дела на македонската модерна архитектура од постземјотресниот период и има културно- историско значење за градот. Изграден е во 1973 година според проект на Живко Поповски и група архитекти, а избран на меѓународен конкурс во 1969 од 23 пристигнати конкурсни труда. Поповски е еден од најпознатите македонски архитекти и професори на Архитектонскиот факултет, добитник на „Борбина плакета“ и на националната награда „11 Октомври“ за проектот за ГТЦ. Павловска потсетува на главните вредности на ГТЦ - 70 отсто од неговата површина е отворен, јавен простор кој го поврзува паркот „Жена-борец“ и кејот на Вардар, плоштадот „Македонија“ и источниот дел од градот.

„Во него можеме да разгледуваме излози туркајќи велосипед или ролерки. Слободата на движење што ни ја овозможува архитектурата на ГТЦ, е неговата најголема вредност и не смееме да ја изгубиме. Ако тој се затвори со врати и фасади, ќе се затвори и една од клучните артерии за движење во центарот на градот. Токму неговата отвореност влијае на проточноста на луѓе, а природната аерација го прави пријатен престојот во него во сите годишни времиња. На ГТЦ не му е потребна нова фасада која засекогаш ќе го смени карактерот на објектот, туку подобрување само преку реставрација и програмско заживување на објектот. Каква било интервенција мора да биде во согласност со оригиналната замисла на авторот и низ широка јавна расправа. Градскиот трговски центар мора да остане градски“, апелира Павловска.

Зборот барок е изведен од португалски термин за бисер со неправилна форма и првобитно бил употребуван во погрдна смисла. Долго време бил користен за да ја опише неговата шаренолика палета на особености, од драматично нагласените, преку бизарните, па се‘ до пренагласена украсеност. Дали ГТЦ ќе го оживее пежоративното значење на бисерот со неправилна форма или ќе се спаси од него, ќе зависи од гласноста на јавноста.