1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Можен ли е вечен стопански пораст?

Кристина Рута/Зоран Јордановски25 мај 2012

Цел на германската и секоја друга економска политика е постојан стопански пораст - тоа обезбедува работни места и благосостојба. Но, можен ли е, и разумен ли е траен пораст или ние живееме над нашите можности?

https://p.dw.com/p/150Or
Фотографија: picture-alliance / dpa

Полни полици во супермаркетите, најнови лекови, уште едно патување на одмор повеќе отколку лани - сето тоа придонесува за БДП (брутодомашниот производ), оти тој ја опфаќа вредноста на сите стоки и услуги произведени во една земја во рамките на една година. Во најголемиот број држави БДП е индикатор за благосостојбата и развојот. Ако е повеќе произведено и продадено отколку претходната година, расте БДП и се вели дека има стопански пораст.

Порастот не значи и благосостојба

При пресметувањето на БДП не се земаат предвид можните штети, како на пример шумски пожари или еколошко загадување кое настанува при експлоатација на суровини или производство и транспорт на стоки. Производството на прехранбени средства еднакво се смета како и производство на оружје. Стопанскиот пораст може да оди паралелно и со пораст на социјалните разлики - тогаш богатството на државата се распределува само врз мал слој жители. Сето тоа се причини за критичко преиспитување на досегашниот модел на стопански пораст, смета Алберто Акоста, економист и некогашен министер за енергетика на Еквадор. Стопанскиот пораст не значи само по себе и развој: „Секоја форма на пораст има социјална и еколошка историја. Има добри, но и лоши форми на пораст“, вели Акоста.

Wirtschaftswachstum in Deutschland
Фотографија: picture alliance/dpa

Индустриските земји следат логика на развој сам за себе, кој не се ориентира според фактичките потреби на сопственото население и оди на товар на земјите во развој. Поради тоа, Акоста бара забавување на развојот.

Живот над реалните можности

Барањето за помал развој се’ уште е табу во традиционалните стопански кругови и во економската политика, смета Петра Пинцлер, автор на книгата „Се’ повеќе не е и доволно. Од лудилото за пораст кон брутосоцијална среќа“. Таа го споделува гледањето на многумина критичари: „Традиционалните економски екперти сметаат на некаков вечен пораст, кој неограничено продолжува“. Но, природните суровини се ограничени, нагласува Пинцлер.

Стопански пораст може да се постигне и со ширење на браншата на услужни дејности. Но, Пинцлер веднаш ги додава и своите задршки: во тој сектор се вбројуваат и високошпекулативните финансиски бизниси. Таа бара благосостојбата веќе да не се иентификува со материјално богатство и укажува на резултатите од истражувањето за среќата, според кое само во многу сиромашните земји постои меѓузависност на среќата и стопанскиот пораст. Од едно одредено ниво на богатство среќата веќе не расте неограничено понатаму - три автомобили не те прават три пати посреќен, отколку еден.

Прираст на населението и повисоки приходи

Гинтер Шмит, експерт за природни ресурси кој работи, покрај другото, и за Светската банка, напротив, се прашува дали индустриските земји навистина се заситени и постои ли простор за забавување на стопанскиот пораст. Тој укажува на примерот на Грција, каде рецесијата доведе до драстичен пад на благосостојбата и на среќата. Шмит смета дека порастот е неизбежен факт: „По неколку години на земјата ќе има девет милијарди луѓе. Освен тоа, растат примањата во сите земји, првенствено во земјите во подем како Индија и Кина“. Тоа нужно носи и поголема побарувачка за разни стоки и производи, а не само средства за исхрана.

Symbolbild Export Kiste Box Wirtschaft
Фотографија: Fotolia/Butch

Освен тоа, човекот по природа е креативен, развива нови технологии и штеди пари, кои преку банкарски кредити се преточуваат кон истражувања и развој - сето тоа индуцира пораст, вели Шмит. Тој ја нагласува и дилемата: во светската конкуренција прагматично се наметнува и прашањето, која инстанца може на државите да им пропише да остваруваат помал пораст.

Барање за регулација на пазарите

Претставници на земјите во развој бараат од политиката да и’ стави граници на светската економија. Еден од предлозите е да се замени брутосоцијалниот производ со други мерила или неговото пресметување да се надополни со фактори како разорување на природната околина. Со тоа би се намалил притисокот врз владите за поттикнување на порастот сам за себе. Освен тоа, треба и построго да се казнува разорувањето на природата. Тие со скепса гледаат на идејата за „зелена економија“, која треба да се погрижи за социјален и еколошки одржлив пораст, што е најгоре на агендата за конференцијата „Рио плус 20“. Нивните стравувања се дека со тоа природната околина самата станува стока, со која се тргува на берзите.