1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Можеше и подобро, но и полошо со Шведска

16 јануари 2012

Првите реакции по стартот на Македонија на Европското ракометно првенство се поделени. Доминираат чувството за пропуштената шанса за победа против Шведска, но и фактот дека е изборен бод против ракометниот гигант.

https://p.dw.com/p/13k9F
Кирил Лазаров на натпреварот со ШведскаФотографија: Reuters

Со европското ракометно првенство, деновиве е обземена комплетната јавност во Македонија. Близината на одржувањето на овој спортски настан направи во Скопје синоќа тешко да се дојде до релевантен ракометен соговорник. Илија Темелковски, екс-селекторот на репрезентацијата на Македонија по враќањето од Ниш е со вакви опсервации за синоќешните 26:26 против Шведска.

„Како се одвиваа работите, мислам дека воопшто не треба да ни биде криво, бидејќи можевме и да загубиме, но и да победиме. Резултатот е реален. А, ние покажавме дека можеме да се носиме со една силна Шведска, која што е име во европскиот и во светскиот ракомет. Шансите сеуште постојат и се надевам дека ќе биде исполнет планот и Македонија ќе се пласира во вториот круг во Белград“.

Германија, инспиратор за победа

Утре следи нова привлечна епизода, натпреварот меѓу Македонија и Германија. Исклучително инспиративен дуел за македонскиот состав против ракометниот великан, инаку вчера фрлен на колена од Чешка. Темелковски прогнозира успех на Македонија.

Handball EM Europameisterschaft Tschechien gegen Deutschland Vorrunde Gruppe b Dominik Klein Karel Nocar
Германците се незгоден противникФотографија: picture-alliance/dpa

„Ме разочара Германија со можеби една не толку, би рекол незаинтересирана игра, туку со својата неборбеност каква што досега не сум навикнал да гледам. Тие на Светското првенство во Хрватска не‘ победија, но тука тие не се фаворити. Јас би ставил се‘ на една карта, на победа против Германија што води во вториот круг“.

Ракометна еуфорија

Атмосферата е посебна приказна! Околу 4000 Македонци ја бодреа македонската селекција во Ниш. Се враќаат сликите од кошаркарската еуфорија, што владееше за време на Европското првенство во Литванија, со тоа што наместо на скопскиот плоштад, главниот навивачки акцент е на местото на настанот. Од блиц-анкетата направена во Скопје, нерешениот резултат против „викинзите“ е успех за Македонија.

„Можевме и да победиме, но со Шведска која е неколкукратен светски првак, јас како обичен граѓанин сум презадоволен од играта и од резултатот“.

„Нерешениот резултат против Шведска е голем успех. Имаме големи шанси за победа во следниот натпревар и за обезбедување пат во Белград“.

„Впечатоците се одлични. Со една Шведска да одиграме нерешено мислам дека е успех. Во првото полувреме ние бевме подобри, а во второто Швеѓаните играа подобро, па според мене нерешениот резултат е реален“.

Утрешниот натпревар Македонија–Германија во 18 часот и 15 минути ќе е следниот поттикнувач на убави резултатски желби.

Автор: Златко Калински

Редактор: Ж.Ацеска