1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Може и пион да стане кралица

14 декември 2021

Зошто во Македонија не е можно да се постигне консензус за неколку најзначајни државни интереси иако најголемите партии и кога се на власт и кога се во опозиција имаат исти ставови? Пишува Ерол Ризаов.

https://p.dw.com/p/44Ddp
Symbolbild Schach Garten
Фотографија: imago/ecomedia/robert fishman

Само во шаховска партија ако се надигруваат аматери може пионот да стане кралица, најмоќната фигура во „војната“ на 64 полиња, се разбира ако пешакот успее да стаса до последниот ред на противникот. На политичката сцена во Македонија по безмалку едногласниот реизбор на Христијан Мицкоски за лидер на ВМРО ДПМНЕ надежта брзо згасна дека конечно е можна џентлеменска политичка борба. Во првите пораки до својот нов ривал на чело на СДСМ, Димитар Ковачевски, со ништо не предизвикан тој го нарече пион на Зоран Заев. Веројатно поради силната поддршка во својата партија и безмалку едногласниот избор со бурни акламации на единствениот кандидат, Мицкоски веќе се ослободил од комплексот дека до вчера не без причина беше нарекуван пион на Никола Груевски.

Добро би било новиот лидер на СДСМ да одмавне со раката на оваа провокација како да не ја слушнал и да се состане со Мицкоски што е можно побргу, за да ги слушне неговите идеи за „нов општествен консензус на рамноправни чинители“.  Дали таа идеја за „нова епоха“, „нова доктрина,“ „нов договор“, најповторувани зборови на конгресоот на ВМРО ДПМНЕ, се однесува на сите релевантни политички партии, или само на актуелната опозиција. Дали е тоа чин на отрезнување за враќање на изгубената доверба кај граѓаните во политичарите, без оглед на која партија припаѓаат, или уште еден вешт маневар за вараќање на изгубениот капацитет на ВМРО ДПМНЕ за коалиции нудејќи консензус за рамноправни чинители за преземање на власта на брзи предвремени парламентарни избори. Мене ми се чини дека Мицкоски мисли токму на тие чинители. Ако е така, тогаш нема ништо ново. 

Ерол Ризаов, автор на колумната
Ерол Ризаов, автор на колумнатаФотографија: privat

...затоа што лажат

Зошто во Македонија не е можно да се постигне консензус со години за неколку најзначајни државни интереси, иако во сите политички програми на најголемите партии и во сите јавни настапи на политичките лидери и кога се на власт и кога се во опозиција имаат исти ставови?

Сите се за демократија и еднакви права на граѓаните, за заштита на човековите права и слободи, за независни институции на системот, за слободни медиуми.... Сите без исклучок се за владеење на правото и војна против организираниот криминал и високата корупција. Сите се за побрз економски развој и повисок стандард и поквалитетен живот на граѓаните. Сите се за заштита на човековата околина, за чисти реки и езера, чист воздух и висока еколошка свест. Сите се за евроатлански интеграции и членство во НАТО и во ЕУ.

Повеќе од авторот: Поголемите „католици“ од папата

Ете тоа се главните приоритети на политичките партии и лидери повторувани јавно и запишувани илјадници пати. Ама нема договор за консензус, односно да не се ставаат домашни блокади на овие најзначајни државни интереси, вклучувајќи ја и војната со пандемијата во изминатите речиси две години. Нема подготвеност за компромиси. Има и други заеднички определби и приоритети, но да се задржиме на овие како најзначајни.

Некој што не ги познава приликите во Македонија веројатно би се зачудил зошто ако е така, ако сите имаат исти определби, нема консензус, заеднички став за нивна што е можно побрза реализација. Најкусиот и најбрутален одговор би бил затоа што лажат. Едно зборат друго прават.

Во битките за власт им требаат непријатели и предавници. Компромисите кои мораат да се направат се најдобриот изговор. Вториот посложен одговор би бил затоа што е сосема различна перцепцијата и толкувањето што е тоа демократија, до каде треба да оди давањето и земањето на права на домашната политичка сцена, за кого треба да важи владеењето на  правото, а за кого да не важи, можат ли залегнатите на вимето на државата и должниците до гуша да поттикнат побрз екомомски развој, колку може да биде ефикасна заштитата на човековата околина ако целата држава е една голема депонија, ако клучното прашање е минатото, а не иднината, ако усвоените и ратификувани договори за добрососедство се прогласуваат за предавство на националните интереси со барања да се поништат и, конечно, ако вакцинираните политичари се додворуваат на антиваксерите во време на смртоносна пандемија како право на избор и заштита на човековите права.  

Nord-Mazedonien | Coronavirus | Impfungen in Skopje
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Камшикот да удира само по туѓиот грб 

Во реалноста вака стојат работите. Големо мнозинство граѓани на Македонија, според сите анкети и досегашни искуства, повеќе претпочитаат како што велат цврста рака која ќе управува со државата отколку демократски процеси. Притоа подразбираат камшикот да удира само по туѓиот грб. Брзо се забораваат злоупотребите на власта и грубото нарушување на човековите права.

По најгрубите кршења на демократијата во Парламентот во 2012 година кога беа претепани пратеници на тогашната опозиција и насилно избркани новинарите од своите работни места, гласачите не ги казнија насилниците, туку ги наградија. Истото се случуваше и на повеќе  предвремени и редовни  избори во ерата на груевизмот за да се круниса режимот и со победа на изборите по најголемата злоупотреба со историјата на независна Македонија со прислушкувањето на над 20.000 граѓани и јавни личности, политичари, министри, дипломати, претседателот на државата  кои со години беа контролирани и под надзор на режимот. Во било која европска држава таквата злоупотреба би била означена не само со драконски затворски казни, туку и жестока казна на бирачите што би водело кон збогување со политиката на таквата политичка партија.

Повеќе од авторот:  Колку е опасна најпосакуваната коалиција

Владеењето на правото се празни зборови со кои им е полна устата на политичарите, но тоа не го поврзуваат со фактот дека станува збор за суштествен сегмент на демократијата. Надвор од демократијата, принципот на владеење на правото претставува гола форма и може лесно да се трансформира во инструмент на присила, репресија и диктатура. Се заборава  дека основна функција на владеење на правото е ограничувањето на политичката власт и обезбедување на ефикасна заштита на човекот и неговите слободи и права. Тоа го чувствувавме и гладавме цели десет години во ерата на заробената држава кога, и покрај широкиот институционален механизам и уставно гарантираните принципи и средства за обезбедување на владеење на правото, во практиката  се направија тешки злоупотреби и се инсталираа намерно слабости во неговата примена.

Во изминатите пет години за првпат се преземаа поенергични мерки против дејствата што грубо го поткопуваат владеењето на правото. Во долги и транспарентни судски постапки со запазување на сите процедури и со меѓународно следење на процесите изречени се затворски казни вкупно од над 360 години на поголем број носители на организиран криминал, меѓу кои високи функционери, политичари, премиер, претседател на Собрание, министри, судии, јавни обвинители. Тука спаѓаат и пресудите за крвопролевањето на 27 април 2017 година во Собранието на Македонија при што имаше обиди за убиства и државен удар.  

Голем дел од овие судски процеси, наследени од Специјалното обвинителство, како и други редовни судења покренати од редовното јавно обвинителство се уште не се завршени. Ете тие храбри почетоци на владеење на правото во ВМРО ДПМНЕ се дочекани како монтирани политички процси на патриоти, со организирање на протести за нивно ослободување. Како е можно со вакви опречни ставови да се најде консензус за спроведување на владеење на правото, што е можно само ако правосудниот систем функционира независно. 

Дали е можен побрз економски развој во буџетска држава каде и државниот и приватниот сектор се во целосна зависност од парите на граѓаните од државната каса. Годишната црна дупка во буџетот се покрива со нови и нови задолжувања на сметка на идните генерации.

Како да се направи поефикасна јавна администрација ако армијата од близу 200.000 буџатари се најзначајната изборна клиентела. Рационализацијата на администрацијата не може да биде ни помисла за некаков меѓупартиски консензус. Конечно и партиите, покрај рекетот од компаниите, живеат добро цицајќи од буџетот што ги прави крлежи на економскиот развој. Има тука уште низа црни дупки кои ја прават македонската економија неконкурентна и главен генератор на заминување на младите и способни луѓе во странство.

Екологијата и заштитата на човековата околина во земјата е само политички блеф кој се препишува во партиските програми и се третира трендовски во јавните настапи. 

Се јави нашиот Емил Зола

И конечно евроатланските интеграции, членството во НАТО и во ЕУ кои всушност се условени од остварување на сите погоре набројани наши стратегиски приоритети и државни интереси кои во еден дел се оспорени и од внатре со популистички деградации на овие значајни реформи за влез во најзначајните за нас  воени и економски сојузи.

Повеќе од авторот:  Дилетанти за парламентарна демократија

Тоа во последно време се прави на еден перфиден начин префрлајќи ја топката од преземањето на политичката одговроност на научни и академски средини. Па оттаму преку медиумите доаѓаат секојдневни застрашувачки тревоги, меморандуми, платформи за партиски резолуции, како лични гледања на јавни личности  кои не поминале низ телата на институциите зад кои се задскриваат, од каде се пласираат памфлети дека е готово со Македонија, обвинуваат како да се на пијана кавга во крчма на кванташки пазар.

Се јави и македонскиот Емил Зола, умислен месија што ја спасува Македонија. Вели ОБВИНУВАМ за „велепредавство, за изневерување на македонските принципи, за плиткост, за неукост, за кусогледост, за самоукинување, за немање визија, за властољубие, за користољубие, за неправда, за немање осет за геополитичка стратегија, за работење против државните интереси, за распаѓање на Македонија по сите основи, по сите шевови, за поробена, демакедонизирана Македонија, за тоа што ја предадоа Македонија, онака, доброволно, од ќеф, за грст долари, за нестварен сон, за илузија, за „повисока цел“, за големи лаги, круцијални предавства и празни ветувања што ги направија нашите животи да станат бесцелни, безидејни, нестварни, анксиозни, вознемирени, депресивни, конфузни, очајни, за помор на македонскиот род".

Застрашувачки ги очекувате аргументите и фактите за вакво тешко обвинување. Нема аргументи, а и зошто би имало потреба од нив кога научник ги кажува. Емил Зола, чинам, има повеќе воздржаност и нема такво додворување кон француската јавност за аферата „Драјфус“. Напротив, има спротивставување на општото мислење што е многу потешко и што јавните личности ги прави интелектуалци. Тоа е интелектуалната храброст, а не допадливост со непримерни зборови и застрашувања. Нашиот Зола како да се кандидира за претседател на државата на бранот на популизмот. Дури и за таква намена овие оценки не доликуваат и се под нивото на чаршијата.

Ете, тоа се само дел од причините зошто во Македонија не е можен компромис. Има уште една причина која не се гледа доволно јасно. А, ќе се види кога ќе узрее. Тоа е, што ќе стане со ВМРО ДПМНЕ ако се нормализира состојбата во земјата со почнување на преговорите со ЕУ и со спроведување на реформите. Што правиме ако нема непријатели и предавници, ако патриотизмот се мери по други мерила. Тогаш ќе ги снема и причините за постоење на партијата. Мислам на ваква каква што е сега.