1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Можност која треба да се искористи

Александар Чомовски7 јуни 2006

Неизвесноста околу македонското членство во ЕУ Брисел се обидува да ја амортизира со отворање на европските фондови.Дали од нив Македонија ќе може да искористи 200 милиони евра во следните шест години,ќе зависи од способноста на локалните власти

https://p.dw.com/p/Addh
Фотографија: DW

Се уште не е одреден буџетот,но се претпоставува дека Македонија ќе може да користи околу 200 милиони евра помош како кандидат за член во ЕУ преку предпристапните фондови и тоа би било одредена сатисфакција,се смета во некои кругови во Македонија,наспроти неизвесноста кога воопшто ќе заапочнат преговорите со Брисел.Но,дали во наредните шест години може и дали за тие пари воопшто Македонија ќе аплицира, досега Унијата,а отсега локалните власти мора да менаџираат со проектите и со средствата.

-Прво би рекол дека мора да разберем дека ИПА е само алокација на средства,инструмент за поддрша и можност,значи нема никаква гаранција дека средствата што се алоцирани од ИПА ќе бидат и искористени.Гарантот сме само ние.Второ,одговорноста за ИПА програмите и за имплементацијата е наша,вели Драган Тилев од Евросекторот на македонската влада.

На вториот форум за локален развој,градоначалниците ги добија информациите како општините со прекуграничната соработка можат да ги користат дел од наменската евро-помош.Гевгелија,Струмица,Битола,се македонските порти кон европските членки Грција и Бугарија и тука најверојатно ќе се развива значаен дел од инфраструктурата,селскиот туризам и меѓуграничната соработка. Не се работи само за зафати од типот на

заштита на еко проектот Преспа,туку и за непосредни инвестиции во човечки ресурси,рурален туризам,движење на работната сила и нејзино образование:

-Нашите студенти ќе влезат во новата генерација европски програми за едукација и размена 2007 -2013 година,освен ИПА,од 2007 година ни се отворени програмите на заедницата,рече Мелита Мерити,еден од новоспецијализираните кадри за евроинтеграциите.

-Креирањето нови работни места,социјалната стабилност,се важни приоритети во регионалниот развој на општините,рече германскиот амбасадор во Скопје Ралф Андреас Брет.

Преку ГТЗ помошта,Германија го поттикнува развојот на осум општини од источна Македонија и ги оспособува локалните власти како да се креира економски развој,да не се иселува селското население,да се подобрува неговиот стандард и да се култивира животот на руралните средини.