1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Молчењето е злато?

6 септември 2009

Австриски „ЕВН“ не обелоденува дали ќе ја повлече тужбата против Македонија поднесена пред меѓународна арбитража во Вашингтон. Нема коментар на одлуката на Апелациониот суд да ја поништи пресудата за ЕВН на понискиот суд

https://p.dw.com/p/JTCm
Фотографија: Petr Stojanovski

По одлуката на скопска апелација да ја поништи пресудата на понискиот суд, според која австриската компанија ЕВН треба да им плати на државните електрани околу 200 милиони евра отштета, двете спротиставени страни се воздржуваат од коментар. Неофицијално, Австријците се задоволни од ваквиот развој на правната битка со македонските државни електрани. Се огласи македонската влада. Преку вицепремиерот задолжен за економски прашања Владимир Пешевски владата објави дека македонската страна настојува да најде заеднички јазик со австриските инвеститори за решавање на проблемите.

„Решавањето на такво комплексно прашање бара од моја страна да се запознаам детално со сите аспекти. Страните кои се инволвирани и елементите кои влијаат се распоредени во повеќе институции. ЕВН е само една од фирмите со кои сум остварил средба за таа тема, но имам одржано доста средби внатре во Владата и со определени институции со цел да се запознаат со проблемот“, вели Пешевски.

Mazedonien Justiz Appellationsgericht
Нема коментар на одлуката на Апелациониот судФотографија: Petr Stojanovski

Случајот доби широки димензии

Судскиот спор меѓу државните електрани и ЕВН крена тензија во односите меѓу Македонија и Европската унија и го наруши меѓународниот углед на земјата. Поранешниот македонски амбасадор во Германија, Горан Рафајловски, како актуелен претставник на државниот капитал во ЕВН, за Дојче веле предупреди дека економскиот спор меѓу двете фирми доби повисоки меѓудржавни димензии. Брисел се закани дека контроверзноста на процесот може негативно да влијае во оценката за земјата во есенскиот извештај на Европската комисија. Евроамбасадорот Ерван Фуере бараше расчистување на случајот: „Независноста на судството е особено важно и ние сме загрижени околу развојот на случувањата со ЕВН, поради пораката кој им се праќа на потенцијалните странски инвеститори. Затоа е важно да се расчисти овој случај.“

Што е с‘рж на спорот?

Станува збор за спор што се води за ненаплатени побарувања во периодот од 1995 до 2004 година, пред приватизацијата на поранешното ЕСМ. ЕВН, за време на судската постапка, тврдеше дека е дискриминирана, а судската одлука во полза на државните електрани ја оцени како скандалозна. Гинтер Офнер, од раководството на австриски ЕВН, во една пригода рече: „Како вие лично ќе се чувствувате и како ќе реагирате, откако сте провериле внимателно, и вие како понудувач на највисоката цена сте купиле автомобил пред три години, сте ја платиле полната цена на сопственикот, оттогаш сте инвестирале многу да ја подобрите, а сега неговиот син - да го ставиме ЕЛЕМ како син - ве тужи да го платите истиот износ повторно за вашиот автомобил, за неплатеното гориво кое било искористено во периодот пред да станете сопственик?“

Logo der niederösterreichischen Energie Versorgung - EVN - Macedonia
Фотографија: DW

Наспроти ова државните електрани тврдеа дека ЕВН не ги почитува законите во Македонија. Директорот Влатко Чинговски изјави: „ЕВН не сака да ги почитува институциите на Република Македонија, и ако оди на арбитража во Вашингтон, да не се случи обратно, да треба ЕВН да плаќа на државата?“

Сепак, домашните познавачи предупредуваа дека ако Македонија стаса на меѓународна арбитража ќе го загуби спорот и ќе плати милионска отштета.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска