1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Момчиња за иднина

7 јули 2010

Ватерполо репрезентацијата на Македонија, во време кога се зборува само за фудбал, потсети дека е соочена со настанот на годината- Европското првенство во Хрватска. Подготовките почнаа во Олимпискиот базен во Скопје.

https://p.dw.com/p/OAk7
Фотографија: DW

Селекторот на ватерполистите Стеван Нонковиќ за првите часови од подготвителниот период вели:

„Пред се‘, одработивме голема работа на почетокот на сезоната во квалификациите кога нашата цел беше заминување на Европското првенство. Таа цел ја исполнивме и сега ни‘ преостанува Европското првенство, што би се рекло поубавиот, но не и полесниот дел од работата. Што се однесува до играчкиот кадар, поради спецификата на моментот, дел од играчите минаа низ тешка сезона, а другата имаше поинакви обврски, па ги поделивме во две групи. Тука, во Скопје, сега работиме со 14-мина играчи од 21 повикан. Преостанатиот дел ќе ни‘ се приклучи на 17 јули.“

Mazedonien Wasserball Nationalteam
Стеван НонковиќФотографија: DW

Македонскиот селектор вели дека она што недостигало во минатото - доволен број на турнири и тренинг натпревари за уигрување, сега репрезентацијата го добива.

Групата дава надеж

За исклучително содржајната подготвителна програма зборува генералниот секретар на ватерполо федерацијата на Македонија, Стеван Пулејкоски:

„Се потрудивме да направиме посериозни подготовки. На гости ни‘ доаѓа репрезентацијата на Турција, потоа доаѓа Србија, заедно со Австралија. Планирани се средби и со Грузија. Во завршната фаза ќе играме против Велика Британија, а пред почетокот на Европското првенство, на 20 август, заминуваме на заеднички подготовки во Дубровник со селекцијата на Хрватска.“

Mazedonien Wasserball Nationalteam
Стеван ПулејкоскиФотографија: DW

Селекторот Нонковиќ е реален во однос на шансите на Македонија на Европското првенство. Вакво е неговото согледување за противниците:

„Групата ни‘ дава добра надеж и шанса да се подготвиме преку летото, за да можеме да играме добар ватерполо на првенството. Трите селекции на кои типуваме, а тоа се Грција, Русија и Германија, се во рангот на екипи со кои можеме да се носиме. Значи, можеме да бидеме последни во групата, но и трети. Сигурно е дека ќе решаваат нијансите. Даден гол повеќе или помалку. Наше е тие нијанси да ги испегламе во подготовките, за да можеме да направиме изненадување. Секоја победа на Европското првенство е голема. Секој бод е важен. Ќе се обидеме силно да ги нападнеме овие три селекции. За Србија и за Унгарија не треба да се трошат зборови или да негуваме илузии. Унгарија е олимписки првак, Србија е светски шампион. Против нив ќе се подготвуваме за дуелите со другите противници.“

Цел - освојување на 6. место

Со ваквите согледувања, кореспондираат и размислувањата и желбите и на Пулејкоски:

Mazedonien Wasserball Nationalteam
Фотографија: DW

„Наша цел е да се обидеме да го освоиме 6-то место. Потребно е да оствариме три победи над Русија, Грција и Германија. Ако успееме ова да го реализираме, нашата цел ќе биде остварена.“

Ова е четврто големо натпреварување за Македонија во изминатите неколку години, по учеството на претходното европско, последното светско првенство и во светската лига.

Стеван Нонковиќ смета дека оваа селекција на Македонија ја краси силен тимски дух:

„Конечно се погоди генерација на момчиња кои имаат, пред се‘, исклучителен спортски мотив да играат на Европско првенство. Истовремено, тие се во најдобрите спортски години. На добар пат сме, овие 20-тина момчиња на достоен начин да ја репрезентираат Македонија на кое и да било натпреварување и на кој и да е базен.“

Автор: Златко Калински

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска