1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Монотонија во формула еден, Канада светски првак во хокеј на мраз

10 мај 2004

За Михаел Шумахер трката за Големата награда на Шпанија беше под знакот на јубилеи и рекорди – и, се разбира, на петтата последовна победа во првенството.

https://p.dw.com/p/Aenf
Михаил Шумахер и минатата година победи во Барселона
Михаил Шумахер и минатата година победи во БарселонаФотографија: AP

Големата награда на Шпанија во автомобилизам формула еден беше 200-та трка во кариерата на светскиот првак Михаел Шумахер. За славје се погрижи самиот – ја забележа петтата победа во новото првенство и го изедначи досегашниот рекорд на Британецот Најџел Менсел, кој во 1992-ра година оствари пет последовни победи на стартот од сезоната. Тоа истовремено беше 75-та победа севкупно, со што Шумахер е далеку најуспешен возач на сите времиња во овој спорт. Во тековново првенство германскиот ас води со максимално можните 50 бодови, 18 повеќе од тимскиот колега од Ферари, Рубенс Барикело, кој вчера во беше втор. На подиумот во Барселона како третопласиран се искачи и Јарно Трули, а успехот на Рено го потврдува и четвртото место на Алонсо. Бодови освоија уште и Сато од БАР, Ралф Шумахер, возач на Вилијамс, Физикела од тимот на Заубер, како и вториот возач на Бар, Батон.

Андреас Велс е првиот германски претставник што освои златен медал на европското првенство во скокови во вода во Мадрид. Тој победи во дисциплината скок од штица од 3 метри височина, во отсуство на бранителот на титулата Заутин од Русија. Тоа е трет златен медал од европските првенства во кариерата на Велс. Инаку, германските претставници освоија уште два медала во досега одржаните три дисциплини во Мадрид.

Канада по 23-ти пат е светски првак во хокеј на мраз. Со победата против Шведска во финалето во Прага со 5 спрема 3, Канада ја одбрани титулата. Бронзениот медал им припадна на Американците, кои ја победија Словачка со 1 спрема 0 по изведување пенали.

Победник во првата етапа на 87-то издание на велосипедската трка Џиро д‘Италија е Алесандро Петачи, кој беше најбрз во масовниот спринт.