1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мора да владее ред, па дури и на жештина

Даниел Хајнрих
27 јуни 2019

Германија е позната по своите правила. Дури ни екстремно високите температури тука не можат ништо да променат: мора да постои ред. Посебно „жешки“ примери: Од забрана за капење до ограничување брзина на автопатиштата.

https://p.dw.com/p/3LAXq
Deutschland | Sommer 2019 | Hitzewelle | Düsseldorf
Фотографија: picture-alliance/dpa/R. Vennenbernd

Кога автопатиштата ќе „процутат“

Во странство автопатиштата се сметаат за препознатлив белег на Германија. „Слободно возење за слободни граѓани!“ - гласеше насловот на кампањата, која во 1970-те ја водеше најголемиот германски клуб на возачите, АДАЦ и кој брзо стана мото на овдешните возачи. Кон ограничувањата на брзината во многу места уште владее презир. Но, горештината може да им ја помати сметката на вљубениците во вртоглави брзини.

Hitze beschädigt Betonplatten auf der Autobahn A10
Оштетувања на автопатишта поради високи температуриФотографија: picture-alliance/dpa/J. Stähle

Високите температури водат кон притисок во горниот слој на асфалтот, па како последица на тоа, површината на поодамна изградените автопатишта може да се распука или да се подигне. Лимитирањето на брзината треба да води кон минимирање на штетите поради ова т.н.расцутување. Бидејќи не е предвидливо каде ќе се појават вакви пукнатини, засегнати се автопатиштата во целата земја доколку на два последователни дена температурата ја премине границата од 30 степени Целзиусови.

Многу германско правило: забрана за одење во шума

Една од најомилените слободни активности на Германците е шетање во шума, каде посебно во лето сенките на дрвјата нудат дополнително и разладување. Но, наскоро може да им дојде крај на ваквите прошетки, доколку биде според мислењето на експертот за аграр од Партијата на либералите, Карлхајнц Бузен. Пратеникот во Бундестагот, со оглед на високата опасност од пожари, побара да се изврши привремена забрана за влез во шумите во Германија.

Waldbrand bei Oranienburg
Пожарникарите во непрекината акција - и летово бројни шумски пожариФотографија: picture-alliance/dpa/J. Stähle

„Со исклучок на шумарите или ловците“ треба да се воведе забрана за пристап во шумите, која би била поткрепена со високи парични казни, смета пратеникот. Имајќи ги предвид околу 1700 пожари во летото 2018 година, „забраната е неопходна заради заштита на човечки животи, зашто избувнат пожар во актуелната суша во шумите брзо може да се претвори во стапица за шетачите“, гласи неговата аргументација.

Горештината не дава право за слободен ден

Прво добрата вест: многу ученици во Германија можат да уживаат во убавото време, зашто бројни училишта решија поради горештината да ја прекинат наставата. Кај вработените работата изгледа поинаку. Во работниот свет не постои право на прекин на работата поради високи температури. Меѓутоа, во рамките на превентивата и правилата за заштита на работното место, работодавачите се обврзани да се грижат за „здравствено подносливи температури во работните простории“. Тоа конкретно значи: во канцеларија не смее да биде пожешко од 26 степени. Од 30 степени нагоре, работодавачот мора да преземе мерки против жештината.

Повеќе: 

Рекордни горештини: 40 степени во Германија

Фотографија на денот: Сахара ли е, Германија ли е?

Дека при вакви температури дури и државните авторитети понекогаш замижуваат на едно око, покажува примерот на Берлин: полицајците во престолнината мора и на температура над 30 степени да носат долги панталони и затворени чевли, но можат да бидат ослободени од обврската да носат капа. Униформи со кратки ракави во форма на маици по потреба и онака постојат.

Забрането капење во фонтани

Летото се заканува да биде непријатно пред сѐ во центрите на големите градови: што би било поубаво од тоа човек да се плиска во бројните фонтани? Но, и тука е нужна претпазливост, што покажува поглед врз прописите на општините  во целата земја. Како пример го земаме параграфот 2, ставка 2 во минхенското издание: „Забрането е капење во води настрана од  јавните базени“.

Deutschland Hitzewelle |
Фонтана во Келн- децата се разладуваат, но тоа е забранетоФотографија: picture-alliance/Geisler-Fotopress/C. Hardt

Оној кој во Берлин ќе го прекрши сличното правило, врши прекршок на јавниот ред и може да добие казна до 5.000 евра. Разладувањето во фонтани во најголем делод општините не е дозволено, зашто тие по правило се смета дека се само за гледање и за разубавување на одредено место.

 Келнска катедрала: разладување дозволено само за неразголените

Дека бранот високи температури има влијание и врз црковните објекти, покажува прес-службата на Келнската катедрала. Овие денови таа е ревносна во укажувањата дека скудно облечените посетители во познатата црква и во жешките денови мора да се покриваат со некоја шамија. Шамии можат да се добијат кај редарите во катедралата.

Deutschland  Kölner Dom
Келнската катедрала, најпознатата во ГерманијаФотографија: picture-alliance/dpa/O. Berg

Исто така, во катедралата е забрането јадење сладолед и дури и пиење вода. Сосема е легитимно меѓутоа влегувањето во катедралата заради разладување - во неа инаку температурата сега изнесува околу 21 степен, како што покажува апликацијата на Келнската катедрала, креирана за посетителите.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема