1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Морков или стап?

19 октомври 2009

Во Виена повторно се преговара околу иранската атомска програма. Американскиот претседател Барак Обама со предлогот за преговори со Иран повлече консеквенца од политиката на својот претходник Џорџ Буш кон таа земја.

https://p.dw.com/p/K9l2
Барак Обама има поинаква стратегија кон Иран од неговиот претходникФотографија: AP/DW

За администрацијата на Барак Обама дијалогот со конфликтните партнери е принцип. Тоа важи и за Иран и затоа САД, по 30 години, бара пат за директни разговори со Техеран во рамките на разговорите Е3 плус 3 (Германија,Франција, Велика Британија и вето-силите Кина, Русија и САД). Обама, притоа, на почетокот нема никакви илузии за тешкиот карактер на овие преговори: „Време е за враќање на преговарачка маса. Ќе биде тешко и ќе треба време, јасно е дека прашањата нема да се решат за неколку месеци.“

Вашингтон применува стратегија на наизменични награди и казни

Ahmadinedschad und Mohamed ElBaradei
Иранскиот претседател Махмуд Ахмадинеџад (лево) тврди дека облагородувањето ураниум служи само за цивилни целиФотографија: AP

САД, од една страна, вршат притисок врз Техеран за да дозволи сеопфатни и ненајавени инспекции на сите негови атомски постројки од страна на Меѓународната агенција за атомска енергија. Од друга страна, најавува економска помош ако Техеран биде подготвен да престане со облагородување ураниум во земјата и тоа да го врши за свои потреби во странство. Американската министерка за надворешни работи Хилари Клинтон со изјава: „Посакуваме Иран да соработува со постојаните членки на Советот за безбедност и Германија, ако ги исполнува обврските кон меѓународните атомски власти.“

Клучна улога во американските преговори со Иран игра Русија

Аналитичарите претпоставуваат дека американскиот претседател Барак Обама се откажа од планираниот ракетен одбранбен штит во Европа за од Москва да може да побара некоја покрупна политичка противуслуга.

Во заднина Вашингтон подготвува построги санкции ако Иран ги блокира преговорите и не ги одржи ветувањата. Тоа го навести и Хилари Клинтон при посетата на Москва неодамна: „Иран има право на користење атомска енергија во цивилни цели, но не и создавање атомска бомба. Тоа Русија го согледува исто како и ние.“

Додека Русија последниве децении стана важен лиферант на оружје за Иран, Кина е најважниот трговски партнер на Техеран и доставувач на енергија. Во Вашингтон е јасно - поостри санкции против Иран се можни само со согласност на двете моќни вето-сили.

Автор: Даниел Шешкевиц / Жана Ацеска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска