1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Морков и стап за интеграцијата на Албанците

23 ноември 2009

Албанците во Македонија стојат пред двојни предизвици: мораат да се докажат како лојални граѓани и како професионалци. Од друга страна критичарите забележуваат дека тие се фаворизирана етничка група во Македонија.

https://p.dw.com/p/Kct7
Фотографија: Petr Stojanovski

Дали младите Албанци имаат причина да се чуствуваат фрустрирано во македонското општество или државата им нуди доволно можности да се реализираат? Можат ли да се докажат како лојални граѓани и да се потврдат професионално, како кариеристи, раскошни уметници или врвни спортисти?

Се’ побројни стануваат позитивните примери. Се’ повеќе млади Албанци се на раководни позиции, градат успешни кариери. Артан и Арбен се двајца млади добро етаблирани Албанци во Македонија. Артан е активен во невладиниот сектор, Арбен има менаџерска функција во една од поголемите банки. Двајцата се свесни дека пред Македонија како мултиетничко општество стојат уште многу предизвици но признаваат дека напредокот на ова поле во однос на минатата декада е евидентен.

Mazedonien Land und Leute Mann und Frau auf Parkbank
Фотографија: Petr Stojanovski

„Ако ситуацијата се набљудува на мирко ниво, постои интеграција, меѓутоа тој рецепт на дружење на Албаниците и Македонците на микро ниво би трабало да се преслика на макро ниво“, вели Арбен. Тој и Артан се незадоволни како политиката ги решава секојдневните проблеми на граѓаните.

„Во Македонија имаме влада и партнери кои не владеат заедно со една платформа туку со различни платформи. Премиерот е премиер за цела држава, додека лидерот на албанскиот партнер во владата е премиер за северозападна Македонија.“

Критичарите на македонскиот модел на мултуетничност забележуваат дека Албанците се фаворизирана етничка група во Македонија. Арбен има објаснување за овие обиди за интеграција. „Тоа е модус на исправање на некои минати ситуации. Тоа е период на пеглање на неправилностите од минатото. Јас сум против тоа вработување по клуч бидејќи клучот подразбира вработување врз основа на партиска припадност, а не на квалитет. Македонците се исплашени од конкуренција,“ смета Артан.

Потребна е заедничка иднина за граѓаните на Македонија

Двајцата имаат широк круг на пријтели меѓу Македонците, но и покрај тоа сметаат дека интеграцијата постои само во политичките програми и флоскули и оти на терен се’ уште постои подделеност. Артан објаснува. „Ние растаме и се развиваме како две посебни етнички заедници, а не како заедничко општество. Апсорбцискиот капацитет на македонското општество не е доволен за да им овозможи на Албанците да се чуствуваат како граѓани на Македонија.“

Flaggen der EU und Mazedonien in Skopje
СкопјеФотографија: Petr Stojanovski

Недовербата е евидентна. Албенецот треба да се докажува и како човек за да напредува како професионалец. Довербата е клучниот фактор што му обезбедува предност на Македонецот, вели Арбен и објаснува: „Албанецот пред да добие шанса да се докаже како професионалец мора да се докаже како лојален граѓанин. Има одреден степен на недоверба, која не знам дали е генетски или медиумски поставена.“ Артан ја повикува политиката да најде сили да ја обезбеди заедничката иднина на луѓето кои живеат во Македонија, без разлика на етничката припадност.

Размислувањата на овие двајца млади Албанци не наведуваат на генерални заклучоци, но се одличен репер за тоа како девет години по потпишувањето на Рамковниот договор се развива Македонија, земјата пред портите на НАТО и државата која очекува датум за старт на преговорите за членство во ЕУ.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Александра Трајковска