1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Moskau Anschläge

30 март 2010

Русија тагува по жртвите од терористичките напади во московското метро. Премиерот Владимир Путин зборува за комплетно уништување на организаторите на нападите, а претседателот Дмитри Медведев-борба до последна капка крв.

https://p.dw.com/p/Mhc8

Бројот на жртвите од вчерашните (29.03.2010) напади врз две станици на метрото во главниот град во меѓувреме се искачи на 39, а за живот се борат уште пет од вкупно 70 повредени лица. Во руските медиуми, пак, се води дебата околу мотивите на атентаторите, при што најчесто се спомнува можната одмазда на чеченските бутновници за неодамнешните операции на руските тајни служби. Изминатите недели, имено, тие извршија цела низа многу успешни операции во регионот на Северен Кавказ. Четворица топ-терористи, по кои се трагаше со години, беа откриени и ликвидирани во анти-терористичките операции во Чеченија, Дагестан и Ингушија. Државната телевизија по операциите емитуваше долги секвенци што ги покажуваа телата на убиените терористи, како и очигледно задоволните руски офицери. Во операциите беше запленето и големо количество оружје, муниција и експлозив.

Безмилосна борба против терористите

Овие слики требаше на руската јавност да и’ покажат дека беспоштедната борба против терористите, што ја нареди претседателот Дмитри Медведев, конечно носи плодови. Медведев нареди терористите да не се апсат, туку да се ликвидираат, без милост, без одолговлекување. Дури и пепелот од нивните тела беше расеан на непознати места за да не може да се развие култ. Со оглед на таквиот остар пристап на претседателот требаше да биде јасно дека порано или подоцна ќе дојде и одмазда. Заканите на бунтовниците од Кавказот дека тие за возврат ќе ја пренесат борбата на руска почва, беа игнорирани. Дотолку нападите од вчера изутрина неочекувано ги погодија граѓаните и надлежните служби. Сега шокот во јавноста е навистина голем, посебно затоа што најновите терористички напади ги вратија сеќавањата на претходните напади во театарот Дубровка во 2002 година, во метрото во 2004 итн.

Спирала на насилство

Кремљ делува беспомошно во сегашната ситуација. Рускиот државен врв бара зголемена будност на граѓаните, ги засилува безбедносните контроли и најавува уште побезмилосна борба против терористите. Премиерот Владимир Путин зборува за комплетно уништување на организаторите на бомбашките напади, а претседателот Дмитри Медведев најавува борба до последна капка крв. Се чини дека водечкиото двоец заборава оти тоа ќе значи и нови одмазднички напади на терористите во Русија. Секако дека Кремљ нема да дозволи да стане заложник на заканите од бунтовниците, како и на платениците од Кавказот, кои се збогатуваат од борбите. Но, руското раководство би требало да има слух и за повиците за решавање на проблемите што стојат зад појавата на тероризмот. Наместо да испраќа уште повеќе полицајци, војници и тајни агенти, претседателот Медведев би можел да се присети на сопствените зборови за искоренување на клучните проблеми во Северен Кавказ, имено сиромаштијата, невработеноста и бесперспективноста.

Автор: Кристина Нагел/ Горан Чутаноски

Редактор: Жана Ацеска