1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

МОСТ регистрира мали нерегуларности

АМ/миа21 април 2013

Сите 78 избирачки места во четирите општини, каде денеска се прегласува вториот круг на локалните избори, се отворени во 7 часот и гласањето почнало без проблеми, информираше ДИК. МОСТ регистрира мали нерегуларности.

https://p.dw.com/p/18K85
Фотографија: Petr Stojanovski

Во Долнени на 39 избирачки места може да гласа 10.521 лице, во Центар се гласа на 29 места од вкупно 66, и право на глас имаат 22.939 гласачи, во Струга на девет избирачки места со 7.885 граѓани и на едно избирачко место во општина Ѓорче Петров со 1.320 гласачи.

Граѓанската асоцијација МОСТ со околу 130 монитори ќе го набљудува денешното прегласување на избирачкитe места во Центар, Струга, Ѓорче Петров и во Долнени. Покрај овие набљудувачи, МОСТ има распоредено и мобилни тимови, кои ќе служат како логистичка поддршка на статичните.

Досега МОСТ регистрира прекин на гласањето од 20 минути на гласачко место 1490 во општина Долнени. Таму болно и изнемоштено лице дошло да гласа со
придружба, по што реагирал партиски набљудувач и не дозволувал лицето да гласа на тој начин. Иако, избирачкиот одбор рекол дека се е во ред, набљудувачот продолжил да се расправа, по што била повикана полиција. По прекинот од 20 мин гласањето продолжило.

Исто така, во општина Центар МОСТ забележува дека е расфрлан пропаганден материјал со дезинформации за денот на одржувањето на изборите. Од МОСТ информираат дека во текот на денот, за граѓаните кои сакаат да пријават евентуални нерегуларности или да дадат информации поврзани со изборниот процес, ќе биде отворена бесплатната телефонска линија 080 080 080. Проектот „Домашно набљудување на Локалните избори 2013“ е реализиран од страна на граѓанската асоцијација МОСТ и е поддржан од Швајцарската агенција за меѓународен развој, Амбасадата на Сојузна Република Германија, Амбасадата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Амбасадата на Кралството Холандија и Амбасадата на Кралството Норвешка од Белград, Србија.

По затворањето на избирачките места во 19 часот вечерва ќе започнат да течат роковите за претставки до општинските изборни комисии, односно до Државната изборна комисија.