1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Моја Европа: За татковината

А. Андреев / Р. Шварц / С. Москову
15 септември 2018

Татковина долго време, барем за дел од Германците, значеше нешто застарено, старомодно. Мигрантите пак на ова гледаат поинаку. Тие имаат две татковини.

https://p.dw.com/p/34scZ
Ausstellung „Wald, Gebirg und Königstraum - Mythos Bayern“ Kloster Ettal 3. Mai bis 4. November 2018
Фотографија: Museum Biberach

Татковина - не е место, туку време

Татковина за мене е детството, топлината на семејството, мојата улица со различните мириси, светлото, вкусот на сливите од задниот двор.

Се вели дека татковината е онаму каде што ти е фамилијата. Татковината е онаму каде што ти се пријателите. Татковина е онаму каде што си дома и се чувствуваш добро. Но, моето пошироко семејство живее во пет земји, моите најблиски пријатели се насекаде во светот. Јас се чувствувам дома во четири града во три земји.

А, тука е и работата со пасошот. Карикирано, пасошот е возачка дозвола на високата класа. Со пасошот се преземаат одредени обврски спрема државата и во замена се добива одредена сигурност. Тоа нема врска со идентитетот, повеќе со лојалноста, со правната држава и со почитувањето на законите.

Andreev Alexander Kommentarbild App
Александар Андреев

Папата има три пасоши: аргентински, италијански и еден од Ватикан. Како тој факт го отсликува неговиот идентитет? Дали е Аргентинец, Италијанец или Ватиканец? Или сепак е само поглавар на католичката црква?

Денес, во глобализиран свет, по сила на околностите имаш повеќе идентитети. Јас, на пример, по раѓање сум Бугарин, по пасош Германец. Јас пак се поистоветувам со мојата професија како новинар. И тоа е идентитет кој е многу важен, кој е поврзан со моето семејство, а членовите на тоа семејство живеат во четири земји. Натамошни суб-идентитети, кои за мене се важни се тоа дека сум преведувач на литературни дела, велосипедист, пушач, љубител на класична музика.

Во Германија никогаш не сум доживеал расизам во секојдневието. Можеби причина за тоа е што изгледам просечно и го владеам јазикот. Но, кога пред 27 години почнав да работам како уредник во Дојче Веле, странските новинари генерално не ги сметаа за новинари, туку за преведувачи. Со години на повисоките раководни функции немаше ниту еден колега со доселенички бекграунд. Тоа, фала му на Бога, се смени.

„Таковината еонаму, каде што не мораш да се објаснуваш“

Оваа мисла на Хердер со години висеше на нашиот летниковец во мојот роден град Сибиу. Тоа е средновековно гратче во Трансилванија, средноевропски мултикултурен регион кој веќе 100 години припаѓа на Романија, а претходно 1000 години бил дел од Австроунгарија.

Таму не моравме да се објаснуваме. Ниту Михаи, детето од соседството, ниту унгарските близначки Емесе и Енико, ниту Анита, саксонско девојче, ниту Матијас, кој беше германско-унгарско еврејска мешавина на моја возраст. Сите живеевме во иста уличка, си ги славевме празниците на нашите фамилии, а честопати ги славевме и заедно. На пример за Велигден, бидејќи протестантските и православните најчесто не се паѓаа на ист датум, имавме на два пати вапцани јајца и јагнешко со печени компири или со мамалига, вкусното пире од пченка кај православните Романци. Кај нашите унгарски соседи на трпезата се изнесуваа фините пецива по рецепт од Будимпешта. Подоцна, кога пораснавме, имаше слатко вино, кое беше слатко како ликерот од банана кој тајно ни го даваше тетка Еми кога ќе дојдевме да ја попрскаме со нашите евтини парфемчиња, стара традиција за празникот. Никој не те прашуваше дали како христијанин јадеш еврејски колачиња или како Евреин вапцани јајца. Сите јадевме сѐ и беше толку убаво. Живеевме во паралелни светови, секој во своето семејство и секој со својот јазик и идентитет, а сепак сите заедно. „Единствените паралели кои се пресекуваат сме ние овде, во Сибиу“, велеше мојот татко. Тоа за мене беше татковина.

Schwartz Robert Kommentarbild App
Роберт Шварц

Дали беше тоа вештачка слика што ни ја создале родителите по Втората светска војна? Остров на среќата, далеку од болната комунистичка диктатура во која живеевме? Дали беше тоа моето Макондо? Мојот Јокнапатафа? Можеби. А, сепак не би сакал за ништо да го менувам тоа време, ниту моите пријатели од тогаш, кои ми се пријатели и денес. Татковината која ја носам во својата душа, не како товар, туку како извор на инспирација за нови татковини кои во децениите оттогаш наваму ги освојував, или пак тие ме освојуваа мене и кои ми овозможуваат и во Германија да кажам: Татковино, еве ме. Без да морам натаму да се објаснувам.

Познатиот вкус на заедничката традиција

Во т.н. стара Европа, алијас ЕУ, застарениот поим татковина има загубено значење. Фала му на Господа, оти порано во име на таа татковина на нашиот континент се воделе војни. Денес се чувствуваш подеднакво дома и во Атина, и во Келн, и во Порто. Секаде е познатиот вкус на заедничката традиција.

Како Европеец имам грчка позадина и германска патина. Па нели е тоа прекрасно. Грк во секојдневната култура, Германец во службениот живот. Човек си го избира најдоброто таму каде што може да го најде. Тоа не е произволност, туку нова организација на животниот поредок во еден поголем простор.

Moskovou Spiros Kommentarbild App
Спирос Москову

Предности имам со двојното државјанство. Грците некако секогаш успеваат за себе да добијат специјални правила. Па така и јас имам два пасоша. Во Тунис го покажувам грчкиот, тогаш не ме крадат трговците, мали и сиромашни народи се солидарни со мене. Ако сум во Турција си го покажувам германскиот за да не доаѓаат на глупави идеи. Дали сум опортунист? Не, мислам дека само добро се снаоѓам со двете државјанства.

А, тука е и прашањето за идентитетот. Кој сум јас? Грк или Германец, христијанин или атеист? Мојата лична карта со кусите поими се чини дека точно знае. Идентитетот за мене не е ограда во која се чувствуваш добро, туку резултат на мојот животен пат, кој се движи од потеклото до крајната цел. Во меѓувреме потеклото губи сјај, а крајната дестинација харизма. Мојот идентитет на крајот на краиштата произлегува од тоа што сум направил, а што не. Но, кого тоа всушност го интересира?

На крај се важи само искуството. Некогаш моите германски сограѓани мислат дека сум Холанѓанец заради акцентот, некогаш заради црната коса дека сум од Корзика, некогаш заради мојата слабост за Грапа, дека сум Италијанец. Не е страшно. Битно е тоа дека не ми прават да се чувствувам како да сум инфериорен во земјава или дискриминиран. И тоа веќе 35 години е така.

Моите ѕвездени моменти се случија со кризата во Грција во 2010 година. Тогаш сето соседство наеднаш беше љубопитно за мене. На улица ми приоѓаа, во пекарница муабетеа со мене, па дури и, инаку воздржаните, соседи ме канеа на ручеци. Сите од мене сакаа да чујат само едно - важечко објаснување за кризата. А, јас таа загатка до ден денес ја немам решено ниту за себе.