1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Моја Европа: Орбан и Нетанјаху - мажјаци кои тераат по свое

Норберт Мапес-Нидик
21 јули 2018

Орбан во посета кај Нетанјаху. Двајцата „либерали“ му покажуваат на светот: ние работиме по свое. Тоа е нов феномен и нов проблем, смета Норберт Мапес-Нидик.

https://p.dw.com/p/31osC
Norbert-Mappes-Niediek - t Korrespondent mehrerer deutschsprachiger Zeitungen in Südosteuropa
Фотографија: L. Spuma

Токму Унгарија и токму Израел: оние кои сметаат дека ги познаваат кроординатите на светската политика, можат само да се чудат на пријателскиот дочек кој шефот на израелската влада, Бенјамин Нетанјаху, му го приреди на својот унгарски колега по функција, Виктор Орбан. И навистина - многумина Израелци се чудат. Зар токму тој Орбан не го рехабилитираше неодамна антисемитскиот режим кој владееше во Унгарија пред и за време на Втората светска војна? Не ја покрена ли токму тој гневната кампања против Џорџ Сорос, еврејски милијардер од унгарско потекло, и со тоа се вклопи во антисемитските клишеа? Што воопшто некој таков бара во Израел? 

Но, координатите на светската политика тукушто почнаа да се менуваат од корен - се кршат стари и се склопуваат нови алијанси. Опозицијата кон светот, онаков каков што стана по падот на комунизмот, свет кој почива на заеднички идеи и одлуки и кој се потпира на меѓудржавни организации, посилно ги спојува отколку што ставот кон историјата може да ги разединува. Ова е време на дилови на двајца мажи.

Свет на силни мажјаци

Силните мажи се познаваат по тоа што не дозволуваат да ги поврзуваат некакви идеи и притоа не се обѕрнуваат на трета страна. Презирот кон мултилатералниот поредок во Израел има долга историја. А има и тврдо рационално јадро: ако таа држава се повинуваше на одлуките на ОН, денес немаше ни да ја има. Наместо да се промовираат себеси во т.н. заедница на држави, генерации израелски политичари се потпираа на воената моќ, прикачувајќи се за најголема сила - САД.

Израел низ цел свет стана предмет на восхит кај јаките мажи поради потценувањето на мултилатерални решенија. Како Нетанјаху, така и Путини, Ердогани, Трамповци и Качински секое манифестирање на меѓународна волја го оценуваат за ограничување на сопствената слобода на дејствување. И тоа од најразлични причини: едни забрануваат критики на сметка на своето однесување кон слободните медиуми и правосудството или одбиваат да примат бегалци. Други сакаат, наспроти сите меѓународни трговски договори, на секоја земја која купува нивни производи, да ѝ наметнат свои услови, а не сакаат за нив да важат некакви човекови права, ниту пак меѓународното правосудство. Никој од нив не сака да ги подобри често проблематичните органи на светската заедница, туку сака да ги укине или барем да им сврти грб. Израел, според мислењето на брегзитовците од овој свет, покажуваат како се прави тоа. Подобро е да се дејствува сам! Нетанјаху и Орбан се вистински пример за ова.

Israel Hungary
„Новиот свет“ на Виктор Орбан и Бенјамин НетанјахуФотографија: picture alliance/AP Images

Секој за себе

Во очите на приврзениците на новата самостојност на државите, ЕУ е гласник на светот кој пропаѓа. Нејзината вкупна логика се базира на договор, а она што е заеднички договорено, го надгледуваат строги институции. И не е доволно тие принципи да се применуваат само во рамките на заедницата - ЕУ уште и ги извезува: оној кој сака да стане нејзин член или да соработува тесно со неа, мора да ги почитува правилата и да се повинува кон одредени вредности. Нетанјаху отворено рече дека тоа не му се допаѓа: дека ЕУ е единствена меѓународна организација која својата помош кон Израел ја условува. Не треба да се поучуваат други земји, секундираше Виктор Орбан: секоја држава е единствен организам со сопствени интереси и исправно е ако ги брани.

Но, за Израел би можело да стане опасно ако примерот го следат и други. Тој постои само поради национализмите на другите. Поради илузијата дека нациите се некој вид природни организми, такаречи голема фамилија, во Германија, но и во Унгарија и на други места во централна Европа, Евреите со децении се изолирани, прогонувани и убивани.

Претходна колумна на авторот:

Орбановото влијание во ЕУ

Диктат на мнозинството

Формулата на „еврејско-христијанскиот темел“ на која наводно почиваат европските нации, и која Виктор Орбан радо ја зема во уста, претставува лага. Унгарството, за кое тамошниот шеф на владата радо говори, исто како и германството, настанувале паралелно со дискриминацијата на Евреите. Кога Орбан сега говори за еврејското наследство на Унгарија, за еврејското потекло на унгарските народни песни и потпирањето на унгарската химна на една еврејска тажалка, тоа не се зборови во прилог на разноврсноста. Тоа е израз на новото, лажно единство. А кој ќе припаѓа тука, во „либералната демократија“ секогаш одредува мнозинството.

Денес дискриминацијата ги погодува муслиманите. Никој не би требало да се чуди ако тоа утре повторно се сврти кон Евреите. Тоа уште и сега е случај во помала мерка. И покрај тоа што се колне во „еврејското наследство“, Орбан со ниеден збор не го споменува холокаустот. А диктаторот Миклош Хорти го нарекува „исклучителен државник“ - токму човекот кој уште во 1920. година вовел numerus clausus  за Евреите, а подоцна по пример на Германија, донесол расни закони и испратил стотици илјади луѓе во Аушвиц. Таму каде се проповеда национализам, Евреите секогаш се меѓу жртвите. Дотолку координатите на светската политика се останати исти.

 


 

 

Норберт Мапес-Нидик
Норберт Мапес-Нидик Норберт Мапес-Нидик, 1953, е германски новинар и автор на повеќе книги за Балканот.