1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Мојот учебник за исламот“

Зоран Арбутина16 февруари 2009

Во Германија е изготвен првиот учебник за исламот на германски јазик за основно образование. „Мојот учебник за исламот“ треба да ја објасни основата на верата и да придонесе кон соживот со останатите религии.

https://p.dw.com/p/Gv4r
Учебникот за исламот за основно образование

Во повеќе покраини во Германија, во училиштата има настава по исламска религија. Во Северна Рајна Вестфалија е воведена од почетокот на овој век. На последната исламска конференција, во март минатата година, беше заклучено дека ваквата настава треба да се воведе на сојузно ниво. Па сепак, се’ уште не е утврден единствен наставен план и често недостасуваат соодветни материјали за учење. Печатницата „Олденбург“ издаде учебник за ислам, за муслиманските деца во прво и второ одделение. Тој е насловен „Мој учебник за исламот“ и треба да ја објасни основата на верата, објаснува една од авторките Ѓул Солгун-Капс, учителка во основно училиште и стручен соработник за интеркултурно образование и воспитание на Универзитетот во Аугсбург: „Целта на учебникот е на децата да им се изгради и зајакне религиозниот идентитет, така што тие со нивниот муслимански идентитет и со вербата во Алах, ќе може да живеат во ова западно-христијанско општетство без да бидат манипулирани од медиумите. И не само од медиумите, туку можеби и од она што на викендите ќе го слушнат во некои џамии и верски заедници“, вели Солгун-Кнапс.

Klassenarbeit in Leipzig
Се препорачува исламска настава да се воведе на сојузно ниво во ГерманијаФотографија: picture-alliance/ dpa

Стандарден учебник за цела Германија

Учебникот е замислен да биде стандарден за основните училишта во цела Германија. Министерствата за култура во Баварија и Северна Рајна Фестфалија веќе го одобрија, а министерствата во останатите покраини го проверуваат.

Според концептот како што е направен, учебникот им се обраќа на муслиманските деца од различно потекло, нагласува еден од коавторите, Евелин Лубиг Фосел, инаку наставничка во основно училиште: „Поаѓаме од тоа дека не постои еден ислам и дека разноликoста на исламски ориентации се отсликува токму во религиозната ситуација на дијаспората во Германија. Сметаме дека овој учебник би можел да биде основа за да се постигне отвореност и кон останатите исламски ориентации“.

Учебникот е ориентиран кон сунитскиот ислам, кому му припаѓаат поголемиот дел од муслиманите во Европа и во светот. Во неа се бараат заедничките точки без да се премолчат разликите помеѓу одделни национални традиции. На пример, кога станува збор за празниците“, вели Солгун-Кнапс, додавајќи: „Едно дете Босанче има можност да раскаже како кај нив во Босна и Херцеговина се прославува Рамазан. Друго како се прославува во една пакистанско семејство, во турско семејство. Тоа се поврзниците преку кои децата можат да се пронајдат во наставата. Но, основите на исламот всушност се исти насекаде.“

Поттикнување на меѓурелигиозниот дијалог

Во учебникот покрај запознавањето на исламот, на важно место е и поттикнувањето на меѓурелигиозниот дијалог, смета Ѓул Солгун-Капс: „Во наставата по исламска религија не зборуваме само за исламот туку и за останатите религии, како што е христијанството и еврејството. За децата е многу важно да сфатат што е основата на другите религии, што ќе придонесе кон мирен соживот, меѓу другото и во училиштата.“

Religiöse Symbole für Islam, Christentum und Judentum
Една од целите на проектот е да се даде придонес за меѓурелигиозниот дијалогФотографија: picture-alliance / Godong

Истовремено, самиот учебник има јасен интеркултурен карактер. Децата на коишто им е наменет живеат во Германија и се конфронтирани со германската животна реалност. Врз основата на нивниот муслимански идентитет треба да им се овозможи и дијалог со останатите религии. Во Германија не е само нивната сегашност, туку и нивната иднина.

„Целта ни е да се претстави поврзаноста помеѓу овдешниот живот и секојдневие и нивната религија. Дел од животот овде е мултикултурното општество, и со учебникот децата се запознаваат и со него“, вели Солгун-Кнапс.

Исламот и демократијата

Токму на поврзувањето на секодневието и религијата му е посветен голем дел од учебникот. На невообичаено отворен и модерен начин во него се зборува за семејството, за улогата на жената и мажот во општеството. На пример, дека кога кога се поставува масата за јадење, момчињата помагаат исто како и нивните сестри, многу образовани жени носат шамии, но и мажи знаат да зготват. Истовремено на муслиманските ученици и нивните родители, како и на немуслиманите кои често сметаат дека исламот е непријателски настроен кон демократијата, јасно им се става до знаење компатибилноста на исламот и демократијата.

„Со оваа книга сакаме да ги растераме стравовите и да покажеме дека исламската религиозна настава е во согласност со уставните норми. Мирен соживот меѓу муслиманите и немуслиманите во демократско општество е сосема возможен,“ констатира Евелин Лубиг Фосел.