1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

МПЦ нема да го смени името

Горан Петрески1 октомври 2008

МПЦ планира на името да го додаде терминот „Охридска архиепископија“. Името не се менува, туку се надополнува со терминот од кој МПЦ никогаш не се откажа, објаснуваат за ДВ извори во Светиот архиерејски синод.

https://p.dw.com/p/FSEj
Соборниот храм во СкопјеФотографија: DW

Оваа крупна новина би требало да се случи на претстојниот викенд, кога во Охрид, ќе се одржи црковно-народен собир, на кој владиците заедно со верниците ќе расправаат за прашања важни за верскиот живот. Терминот Охридска архиепископија е само дообјаснување на поимот Македонска православна црква, само додавање на уште едно име, а не промена на постоечкото, велат во Синодот на МПЦ. Портпаролот на Синодот, владиката Тимотеј, негира дека црквата воопшто ќе расправа за ова прашање. Во изјавата за Дојче Веле, тој, информациите за додавка во името, ги нарекува „пусти желби“ и „новинарски шпекулации“: „Ние никогаш не сме се откажале, пред се‘, од терминот Охридска архиепископија. Охридската архиепископија е возобновена во лицето на Македонската православна црква, уште пред 50 години. Ние знаеме што е МПЦ или што е Охридска архиепископија – читај едно или читај друго, исто е, идентично! Но, сега нема да им правиме мерак на Грци или на не знам кого...“, вели владиката Тимотеј.

Се огласи и црквата на расчинетиот владика Јован

По ова прашање се произнесе и црквата на расчинетиот владика Јован, со оценка дека со амандманот МПЦ прифаќа еден од условите на Нишката спогодба и дека набргу треба да се очекува и државата да се согласи на друго име. Во соопштението објавено на интернет страницата на оваа нерегистрирана црква на Зоран Вранишковски, се оценува дека МПЦ отсекогаш била под силно влијание на државата и ова не треба да се толкува како зрелост на расколничките епископи, туку како диктат на државата, за да види каква реакција би имало при промена на името на државата.

Во МПЦ категорично ги отфрлаат наводите на Вранишковски

Вранишковски си ја врти водата кон неговата воденица, но тоа не е вистина, се вели во МПЦ и се додава дека не се подготвува терен за промена на името, туку се додава терминот Охридска архиепископија, за црквата да се обедини во своето целосно име. Тоа се прави по урнек на руската црква, а ќе се изведе со усвојување амандман на уставот на МПЦ. Предлогот беше прифатен едногласно од сите архиереи, а не се очекува ниту отпор од страна на верниците, објаснуваат за Дојче Веле извори во Светиот синод.

Овој чекор е мотивиран од обидот МПЦ да си го заштити терминот Охридска архиепископија од злоупотреба од страна на расколничката црква на Зоран Вранишковски. Додавката треба да почне да се користи веќе од идната недела.