1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мрак и мраз и` се закануваат на Македонија

27 јули 2009

Првата стратегија за енергетските приоритети на Македонија, подготвена од МАНУ, денеска (27.07.2009) се наоѓа пред парламентарците. Академиците нудат две сценарија, но дали државата има капацитети да спроведе барем едно?

https://p.dw.com/p/IxXD
Прва енергетска стратегија по осумнаесетгодишна самостојностФотографија: AP

Македонскиот парламент денеска ја почнува расправа за енергетската стратегија подготвена од МАНУ, стратегиски документ што ги утврдува енергетските приоритети на земјата во наредните дваесет години. Академиците нудат две сценарија за развој на енергетскиот сектор, едното предвидува изградба на атомска централа, а второто само нови хидро и термоцентрали и модернизација на постоечките. Акедимиците се уверени дека стратегијата е добра база за развој на земјата воопшто, но екологистите и енергетските експерти се огласија со бројни забелешки. Тие критикуваат дека стратегијата ја третира Македонија како изолиран остров и не нуди можности за регионално поврзување, а забележуваат и дека стратегијата е преамбициозна и предимензионирана и оти државата нема ниту пари, ни инфраструктурен капацитет за реализација на проектите предвидени во документот на МАНУ. Трпе Груевски, од здружението на обновливи извори на енергија, ги изнесува аргументите зошто Македонија не треба да гради нуклеарка.

„Македонија нема локација на која би можела да ја изгради ваквата централа, а нема ниту доволно вода. Од сите атомски централи во светот, ниту една не е изградена во мала и сиромашна држава, како Македонија“, вели Трпе Груевски и додава дека земјата нема да може да се справи ниту со ризиците од можна хаварија.

Професорот Ристо Цицонков, исто така, предупредува дека земјата нема систем и доволно вода за ладење на нуклеарката.

Наместо атомска - сончева централа

Andasol in Spanien Solarenergie
Попаметно би било да се изгради сончева централа, советуваат експертитеФотографија: Solar Millenium/Paul Langrock

Македонија малку ги користи обновливите енергии, оценува и професорот Кирил Поповски, врз база на податоци од 2006 година: „Учеството на обновливите енергии во вкупниот биланс било 16,7%, при што мора да се потенцира дека станува збор за хидро-енергијата и дрвата за горење, додека учеството на таканаречените нови обновливи енергии како геотермалната, ветерната и сончевата е под еден процент.“

Затоа, наместо атомска, Македонија треба да изгради сончева централа, советува Груевски: „Македонија има, преку 265 сончеви денови во годината, во Скопје околу 230. Можеме навистина да градиме соларни централи“, вели Груевски.

Сите се согласни дека треба нешто да се изгради

Наспроти различните ставови околу енергетската иднина на земјата, сите се согласни дека нови енергетски капацитети мора да се градат. Енергетичарот екологист Љупчо Гаштеовски вели дека сегашните генерации македонски граѓани треба да бидат повеќе самокритични: „За евентуалниот мрак и мраз што и претстои на Македонија, нема да се виновни внуците и децата, туку дедовците и татковците, затоа што за последните неколку децении, ние повеќе растуравме, отколку што градевме“.

За стратегијата се огласи и Светската банка. Владата да процени дали земјата може финансиски да ја реализира енергетската стратегија, бараат експертите на меѓународната финансиска институција. Сметаат дека е неопходна подетална анализа околу тоа дали наведените енергетски капацитети ќе бидат конкурентни на пазарот и сугерираат да се направат ценовни реформи и регулатива за заштита на социјално загрозените семејства. Претставникот на Светска банка Питер Јохансон вели:

„Кога се зборува за инвестиции, особено капитално интензивни инвестиции, како што се големи хидроцентрали, треба да се провери дали тие ќе бидат конкурентни регионално, и на поширокиот пазар. Јас не можев да го забележам таквиот агол во стратегијата“, рече Јохансон.

Станува збор за прва стратегија за енергетскиот сектор што ја подготвува Македонија, осумнаесет години од осамостојувањето на земјата.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска