1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Мрачни времиња во кои вредност имаат само хартиите од вредност“

25 февруари 2012

Каква е улогата на литературата во времиња на криза? Дали писателите и поетите имаат некаква улога и дали се слуша нивниот глас? Тројца автори од три земји од ЈИЕ даваат одговор на овие прашања.

https://p.dw.com/p/14A8a
Фотографија: Fotolia/Monica Farling

„Какви се овие времиња во кои разговорот за вредностите е речиси злосторство?“, праша во својот осврт на поемата на Брехт „До потомците“ познатиот грчки автор Петрос Маркарис пред неколку дена за време на едно предавање во Берлин. Неговиот одговор на ова гласеше дека се ова „мрачни времиња во кои само хартиите од вредност имаат вредност“.

Но, токму во тешки времиња има други „формати од хартија“ кои можат да се покажат како многу повредни, како на пример книгите, нагласи Маркарис во Минхен, на подиумска дискусија што пред неколку дена се одржа во организација на Друштвото за ЈИЕ и мрежата Традуки. Омилениот грчки писател и преведувач на „Фауст“ разменуваше мислење со двајца други колеги од ЈИЕ - унгарскиот публицист Ѓерѓ Далос и албанската писателка Линдита Арапи.

Од предводник во ЕУ-интеграцијата до...

Маркарис уште пред две години реагираше на кризата во Грција. Тој во 2010 година ја третираше финансиската криза и нејзиното влијание врз општеството во новото продолжение на неговата серија криминални романи со атинскиот комесар Костас Харитос. Во книгата „Гнили кредити“ тој го опишува одблиску тешкото секојдневие на Грците.

Petros Markaris, griechischer Schriftsteller
Петрос МаркарисФотографија: DW

Ако Грците досега се разбираа себеси како предводници на ЕУ-интеграцијата на Балканот, сега, со оглед на притисокот од Европа за реформи, бегаат во својот втор идентитет, оној на балканска земја, гледајќи се како жртви на Европа, вели Маркарис.

Ваквата тенденција на одвојување од северот Маркарис ја гледа и во други земји на ЈИЕ, во кои кризата се’ уште ја нема добиено грчката димензија. Тој смета дека интелектуалците се обврзани да дејствуваат смирувачки во јавните дебати и да придонесуваат за премостување на јазовите. Во спротивно, опоменува тој, „на крајот ќе ја надминеме кризата, но ќе бидеме толку оддалечени што веќе нема да можеме да се приближиме“.

Унгарската културна сцена полна со омраза

„Културата во Унгарија била секогаш неформална и од 1990 година се’ помалку институционализирана. Унгарија е мала, интелектуалците се познаваат лично и сега и се мразат лично“, ја објаснува ситуацијата во Унгарија Ѓерѓ Далос.

György Dalos, ungarischer Schriftsteller
Ѓерѓ ДалосФотографија: DW

Омразата речиси и не остава простор за непристрасни гласови или конструктивна критика. На крајот борбата ја преживуваат само два става. Публицистот кој живее во Берлин ги нарекува „лев цинизам“ или „десно лицемерие“.

Сепак, и покрај мрачните времиња кои сега владеат во културата во Унгарија, носителот на наградата на Лајпцишкиот саем на книгата за 2010 година не е преголем песимист. Тој потсетува на поновата историја на Унгарија и укажува на унгарското својство на „нежно збогување од сопствените убедувања“. Тој нагласува дека е само прашање на време кога европските вредности ќе имаат главен збор.

Рефлексии

За разлика од Грција и Унгарија, луѓето во Албанија се’ уште силно се идентификуваат со Европа. Расположението за приклучување кон ЕУ се намалува како земјата се приближува повеќе до Унијата, но сепак, се’ уште е високо - 85%.

Resonanz Arapi
Линдита АрапиФотографија: DW

Слично како во Унгарија и албанските културни дејци имаат проблем да се организираат независно од политичките партии. „Кој сака да биде независен, напаѓан е од сите страни и наскоро е сосема сам“, се жали Арапи.

Дел од оние што сакаат да бидат независни по извесно време попуштаат и се апсорбирани од политичките партии. Во Албанија мора да си дел на владејачката партија или на социјалистичката опозиција за да бидеш сериозно сфатен, вели Арапи. Затоа голем дел од литературните работници не се вклучуваат во јавните дебати за актуелната состојба во Албанија и во своите дела се занимаваат повеќе со теми од минатото. Се чини и публиката е сита од вечната борба меѓу политичките партии и повеќе чита мемоари или историски книги, во кои се обработува комунистичкото минато на Албанија.

Автор: Анила Шука / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Александар Методијев