1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Мртва трка“ на Баерн и Шалке – в недела следува големото дерби!

7 март 2005

Златни медали за Дисл и Фризингер од светските првенства во биатлон брзо лизгање. Нов светски рекорд на Изинбаева во скок со стап.

https://p.dw.com/p/AelO
Од средбата Баерн (М) - Вердер: Лусио во пробив, фаулиран од Мику
Од средбата Баерн (М) - Вердер: Лусио во пробив, фаулиран од МикуФотографија: AP

Во фудбалското првенство на Германија трка рамо до рамо меѓу Баерн Минхен и Шалке. Дербито во Минхен меѓу Баерн и актуелниот првак Вердер го реши единствениот гол на Михаел Балак уште во 7-та минута, а по овој пораз и заостанувањето од седум бодови зад водечкиот тандем Вердер фактички се прости од титулата. Шалке на гости го совлада Бохум со 2 спрема нула водечкиот гол му беше 100-ти погодок во Бундеслигата на Бразилецот Аилтон. Во наредното коло следува големиот дуел: Шалке го пречекува Баерн.

Изненадување приреди Ханза со победата на гости кај Хановер со 1 спрема 0, со што последното место му го препушти на Фрајбург, кој во Мајнц доживеа хаварија – поразен е со 5 спрема 0. Многу спорни моменти донесе средбата Нирнберг – Борусија Дортмунд, која заврши нерешено 2 спрема 2. Судијата на оваа средба досуди дури три пенали, од кои два се сомнителни. „Сметам дека ние всушност треба да жалиме што не освоивме три бодови, бидејќи имавме чисти гол-шанси во второто полувреме, а сепак на крајот треба да сме среќни што можевме да задржиме еден“ – прокоментира тренерот Волфганг Волф. Нирнберг е сега непосредно до позициите што водат во Втората лига, со шест бодови предност пред Бохум, осум пред Ханза и 9 повеќе од Фрајбург. На средбата Херта – Кајзерслаутерн, што заврши без победник 1 спрема 1, судијата не призна два гола на домаќинот. „Бодот е апсолутно в ред бидејќи ние постојано се обидувавме да парираме, имавме и шанси за гол, но и среќа во некои ситуации“ – се обиде реално да го согледа развојот на настаните тренерот на Кајзерслаутерн Курт Јара. На другите средби се постигнати следниве резултати: Штутгарт – Арминија Билефелд 2 спрема 1, Борусија Менхенгладбах – Волфсбург 1 спрема 0 и Хамбургер – Баер Леверкузен 1 спрема 0.

Од фудбалот уште и информацијата дека во полуфиналето на германскиот куп, според жрепката, Шалке ќе се состане со Вердер, додека Арминија во Билефелд ќе го пречека Баерн Минхен.

Формула 1: Рено најубедлив тим на старот

Стартот на светското првенство во автомобилизам формула 1 донекаде ги поврди прогнозите дека тимот на Ферари годинава нема да биде толку доминантен, како во изминатите, и оти на Михаел Шумахер ќе му биде тешко да ги одбрани титулите од претходните сезони: во Мелбурн најсилен впечаток оставија болидите на Рено - Џанкарло Физикела водеше од почетокот до крајот, а неговиот тимски колега Алонзо го освои третото место. Второпласиран е Барикело од Ферари. М. Шумахер стартуваше од 19-тата позиција, а по сударот со Ник Хајдфелд од тимот на Вилијамс мораше да се откаже. Изненадување со освојувањето на 4-тото место приреди Дејвид Култхард, кој сега вози за Ред Бул – поранешниот Јагуар. Марк Вебер од Вилијамс е петти, Монтоја и Рајконен, претставници на Мекларен Мерцедес, се пласираа на шестото, односно осмото место.

Успеси на германските претставници во зимски спортови

Германски спортски херој на викендот е Уши Дисл. На светското првенство во биатлон во австрискиот зимски центар Хохфилцен, таа освои две титули во рок од 24 часа: прво во саботата победи на патеката од 7 ипол километри, а во неделата беше најдобра и на патеката од 10 километри со поединечен старт, оставајќи ги зад себе кинеската претставничка Лиу Џианјинг и Русинката Олга Зајцева. „Бев нервозна, но можеби малку ми помогна што веќе имав медал, па можев малку порелаксирано да одам на стрелиштето“ – рече 34-годишната германска скијачка по вчерашниот триумф. Ова, инаку, беа нејзини први светски титули во долгогодишната кариера. Кај мажите на 12 ипол километри второ злато за Норвежанецот Бјорндален, а германскиот претставник Свен Фишер, по среброто од саботата на 7 ипол киломтери, вчера се закити со бронзен медал – пред него беше уште и Русинот Чепиков.

Двојна германска победа на светското првенство во брзо лизгање на патеката од 5000 метри: 28-годишната Ани Фризингер е прва со предност од само 45 стоти делови од секундата пред сонародничката Клаудија Пехштајн. „Тоа беше многу напорен, но перфектен крај на оваа сезона. Сега сум навистина ’зрела‘ за одмор“ – вели Фризингер, на која ова и’ беше 12-та светска титула. Со два златни и два сребрени медала таа е најуспешен учесник на првенството што се одржа во нејзиното родно место Инцел.

Австриецот Херман Маер во Квитфјел, Норвешка, по спустот, победи и во супер-велеслалом. Тоа беше негова 50-та победа во поединечна трка од Светскиот куп и тој се изедначи со Италијанецот Алберто Томба, со кого го дели второто место на листата на најуспешните. Далеку напред е Швеѓанецот Ингемар Стенмарк, кој во кариерата оствари вкупно 86 победи.

Нов светски рекорд на Изинбаева

Од светскиот спорт вниманието врз себе повторно го сврте 22-годишната Русинка Елена Изинбаева: во финалето на Европското првенство во атлетика во сала во Мадрид олимписката победничка го подобри за еден сантиметар сопствениот само осум денови стар светски рекорд во скок со стап, совладувајќи ја висината од 4 метри и 90 сантиметри. На првенството Тобијас Унгер го освои првиот златен медал за германските претставници победувајќи во трката на 200 метри. Кирстен Болм освои бронзен медал во трката на 60 метри со пречки.

Во Светската група од Девис-купот Хрватска приреди изненадување со победата на гости над САД, земја со најмногу освоени титули во ова натпреварување. Германската тениска репрезентација во Јоханесбург забележа победа над Јужна Африка со 3 спрема 2 и во септември ќе се бори за враќање во Светската група во Девис-купот во наредната година.