1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мубарак во притвор во болница

13 април 2011

Египетскиот екс-претседател Хосни Мубарак е приведен и ќе остане во истражен затвор 15 дена. Обвинет е за корупција, проневера на јавни пари и злоупотреба на службената положба. Уапсени се и неговите синови.

https://p.dw.com/p/10sOt
Хосни Мубарак
Хосни МубаракФотографија: AP

Тоа беше главната вест на египетската државна телевизија, екс-претседателот во притвор. Во саботата беше најавена истрага. Вчера започнаа првите сослушувања, а денеска дојде апсењето. Брзината изненади многу луѓе, на некои не им се верува:

„Навистина? Не, лажете, не е точно. Сакаат само да го смират народот“, вака гласат дел од граѓаните.

Капка што ја прелеа чашата?

Во саботата 82-годишниот поранешен претседател Хосни Мубарак се јави за збор преку телевизијата Ал Арабија. Никогаш не проневерил пари и ќе поведе судска постапка за клевета. Неговата изјава многумина ги разлути. Ниеден збор жалење за околу 840 загинати луѓе, кои беа убиени за време на револуцијата од страна на силите на безбедноста и луѓето лојални на режимот. Бројката 840 е официјална, организациите за заштита на човековите права стравуваат дека таа е многу повисока. Само 30 минути по телевизискиот говор на Мубарак, државниот обвинител нареди истрага против него. За многумина Египќани, сосема оправдано:

Полицијата пред болницата во Шарм ел шеик каде е сместен Мубарак
Полицијата пред болницата во Шарм ел шеик каде е сместен МубаракФотографија: AP

„Се радувам што во земјава се враќа правото. Се надевам дека Египет повторно ќе биде стабилен“.

„Претседателот беше тиранин и заслужува ваков крај. Тој угнетуваше 85 милиони Египќани. Поради него сме сиромашни, многумина млади немаат работа, му благодарам на Бога за неговото апсење“, нескриено се радуваат многумина граѓани.

Крупни обвинувања против кланот Мубарак

Истрагата треба да утврди колкава е одговорноста на Мубарак и неговите синови Алаа и Гамал за крвавото насилство за време на народниот бунт. Синовите ги подбуцнувале приврзениците на Мубарак кои во втората недела од револуционерните протести брутално ги нападнаа мирните демонстранти. Државното обвинителство освен тоа го обвинува семејството за корупција и проневера на народни пари.

Alaa and Gamal Mubarak festgenommen in Scharm el Scheich in Ägypten Festnahme
Апсењето на синовите на Мубарак, Алаа и Гамал во Шарм ел ШеикФотографија: AP

Синовите на Мубарак се уапсени ноќеска и пренесени во затворот Тора во Каиро. Нивниот татко притворот ќе го издржува во болница. По првите сослушувања вчера тој имал проблеми со срцето и е пренесен во клиниката во Шарм ел Шеик.

Некои Египќани, на крајот на ерата на Мубарак која завршува со негово апсење, сочувствуваат со него: „Тој направи и многу добри дела. Мубарак 30 години ја штитеше земјата, учествуваше во војна. Тој поднесе оставка и треба да ги врати парите, но не мора да оди в затвор“.

Автор: Јирген Стријак/Жана Ацеска

Редактор: Александра Трајковска