1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Муслиманите се пречувствителни

10 септември 2010

Никој нема намера да ги навреди муслиманите во светот. Земјите од Запад едноставно имаат свои проблеми и не мораат по секоја цена да се грижат за чувствителноста на државите со мнозинско муслиманско население.

https://p.dw.com/p/P957
Фотографија: DW

Настаните што се насобраа токму во деновите на завршувањето на муслиманскиот месец на пости се чиста случајност, а не некаква завера против исламскиот свет. Тоа важи како за дебатата околу книгата на членот на Управниот одбор на Бундесбанката, Тило Сарацин, така и за наградата на данскиот карикатурист што ја додели канцеларката Меркел, исто така и за најавата за палење на коранот во САД.

Германија, Европа и целиот Запад, кој погрешно се нарекува и христијански, има свои проблеми и дилеми. Меѓу нив спаѓа на пример одбраната на слободата на медиумите и затоа не треба никого да го чуди тоа што лично канцеларката Ангела Меркел најде време за да му ја врачи наградата на данскиот карикатурист Курт Вестергорд.

Чувствителна улога на медиумите

Кога сме кај медиумите - токму тие придонесуваат за непотребното подгревање на хистеријата околу дијалогот меѓу исламскиот и неисламскиот свет. Фактички соживотот во секојдневниот живот добро функционира. Драматично најавуваната „борба меѓу културите“, што некои ја прорекуваа, не се случи, а муслиманските заедници како во САД, така и во земјите на ЕУ се легитимни делови на модерното општество и во смисол на застапеноста во вкупното население и во смисол на нивната историска вкоренетост во општествата. Впрочем и бројот жртви од атентатите на радикалните исламисти е само мал дел од вкупниот број загинати во сообраќајни несреќи во западните земји.

Alexander Andreev
Авторот на коментарот, Александар АндреевФотографија: DW

Демократско шаренило

Она што јасно се забележува, тоа е дека во Европа е во пораст интересот за религијата и со неа поврзаните теми. Исто така е јасно дека голем број Европејци се чувствуваат несигурни (делумно и поради светската економска криза) и бараат прибежиште во верата, која е најчесто христијанска. Но, исто така наоѓаат прибежиште и во агресивните антиисламски движења што се појавуваат. Но, тоа се повторно проблеми на овдешните западни општества и тоа треба да останат, а не да се интернационализираат. Западните „христијански“ општества претставуваат слободарски и шарен конгломерат, кој меѓу другото токму заради таквиот плуралитет и либералност успева да живее во мир веќе 65 години.

Автор: Александар Андреев

Превод: Горан Чутаноски

Редактор: Жана Ацеска