1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Муслиманските браќа ја игнорираат забраната

Маркус Суманк/ Жана Ацеска 24 септември 2013

Египетското правосудство натамошно ги слабее развластените исламисти преку судската одлука со која Муслиманското братство е прогласено за илегално. Но, неговите членови не се откажуваат.

https://p.dw.com/p/19n5T
Фотографија: Reuters/Mohamed Abd El Ghany

По соборувањето на владата на Мохамед Мурси и апсењето на раководството на Муслиманското братство, на најстарата исламистичка организација во Египет и‘ е зададен натамошен удар: во итна постапка надлежниот суд го прогласи Муслиманското братство за илегално. Во образложението се вели дека ја загрозува националната безбедност. Судот пресуди и конфискација на имотот на исламистичката организација, која има право на жалба.

Ägypten Muslimbrüder Mursi Plakat Fahne Demonstration
Фотографија: Mahmud Hams/AFP/Getty Images

Од симнувањето од власт на Мурси, египетската полиција упаси повеќе од 2 илјади негови приврзеници, меѓу кои речиси комплетното раководство на Муслиманското братство. Многумина членови живеат скриени, не се осмелуваат да излезат од дома. На пример еден хирург од кварт во кој живее средната класа во Каиро, кој е активен во организацијата со години, а сака да остане анонимен. Во врска со египетската влада тој вели: „Тие сакаат да ја уназадат земјата за 50-60 години, кога Муслиманското братство беше забранета организација“.

„Голема театарска претстава“

По крвавата борба за превласт со армијата, екс-претседателот Гамал Абдел Насер ја забрани организацијата во 1954. година. И за време на египетскиот „последен фараон“, Хосни Мубарак, водечките членови на исламистите многу години поминаа во затвор. Но, тој на Муслиманските браќа им остави сепак повеќе слобода. Така, членовите можеа да држат проповеди во џамиите и да настапуваат како независни кандидати на изборите. По револуцијата од 2011. година, Муслиманското братство формираше политичко крило, Партијата за слобода и правда. Во март оваа година Муслиманското братство се регистрираше како невладина организација. По судската пресуда, легалното постоење може да остане само кратко интермецо во 85-годишната историја на Муслиманското братство.

Pro Mursi Demo Ägypten
Фотографија: Reuters

Пред џамијата во јужниот дел од Каиро, која е омилено собиралиште на исламистите, имаше жестоки протести против судската пресуда. Еден студент огорчено му се спротиставуваше на новиот најсилен човек во државата, врховниот армиски заповедник Абдел Фатах ал-Сиси: „Ова е голема театарска претстава, организирана од тајните служби. Ал-Сиси ја навредува нашата интелигенција. Каде е слободата и човековите права во постапките на ал-Сиси“?

Протестите продолжуваат

Во Египет постојат големи стравувања дека делови од исламистичката организација сега ќе се радикализираат во илегала. Во минатите недели се случија веќе редица крвави напади против полицијата со повеќе од 100 жртви. Џихадистичка група од Синајскиот Полуостров на почетокот на септември изврши атентат врз министерот за внатрешни работи.

Истовремено во Каиро и останатите метрополи продолжуваат мирните демонстрации на исламистите. Хирургот од Каиро е уверен дека по судската забрана на Муслиманското братство, тие ќе земат замаф:

„Веќе размислуваме околу нови методи со кои пучистите ќе ги ставиме под поголем притисок и ќе ги принудиме на разговори со нас. Револуцијата ќе се интензивира, војската постојано добива нови непријатели“.

Економски штети?

Некои од Муслиманските браќа веруваат дека судската пресуда ќе и‘ зададе дополнителни штети на и онака пропаднатата египетска економија, што пак ќе го зголеми нерасположението кон новиот владател. Хуманитарните организации на Муслиманското братство, активни низ целата земја, порано служеа како социјална мрежа за најсиромашното население. Народни кујни, посредување за наоѓање работа, бесплатни лекови, со ова Муслииманските браќа со години ги покриваа многуте дупки кои ги остави корумпираната држава. По соборувањето на Мурси, организацијата мораше да прекине бројни хуманитарни активности. Но, не се сите незадоволни поради тоа. Според многу критичари, исламистите на овој начин сакаа само да купуваат гласови. Мустафа Калед, верник-муслиман, но не и член на Муслиманското братство, вели:

„Мохамед Мурси мене не ми користеше. Тој држеше убави говори, но малку правеше. Јас сум сиромашен човек, имам пет деца. Муслиманските браќа за мене ништо не направија“.

За Муслиманското братство вчерашната пресуда (23.09.2013) е почеток на маратонски процес - во октомври пред суд треба да се појават бројни водечки членови на организацијата, меѓу кои и екс-претседателот Мурси. Во декември во Александрија ќе биде решено дали Муслиманското братство ќе биде прогласено за терористичка организација.