1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Му има ли спас на Јанша?

Штефан Озват / Елизабета Милошевска Фиданоска10 јануари 2013

Словенечкиот премиер Јанша и лидерот на опозицијата Јанковиќ добија поддршка од своите партии во врска со обвинувањата за коруција. Но, дури и коалициониот партнер на Јанша бара и натаму негова оставка. Бесот расте.

https://p.dw.com/p/17H8h
Фотографија: Fotolia/pn_photo

Се работи за пари - за многу пари! Словенечкиот премиер Јанез Јанша не може да објасни од каде на неговата приватна сметка се нашле 210.000 евра. Во нужда да објаснува е и лидерот на опозицијата Зоран Јанковиќ, градоначалник на Љубљана, кој на своето конто има 2,4 милиони евра од „сиви“ извори. Во извештајот на словенечката Антикорупциска комисија, објавен во вторникот (08.01), се зборува за „извори на богатство со ризик за корупција“.

Јанковиќ, кој е шеф на социјалдемократската партија „Позитивна Словенија“ реагираше со зборовите: „Јас не сум криминалец, не сакам да бидам и нема да бидам.“ Премиерот Јанша пак, зборува за обиди да биде дискредитиран и претпоставува дека е „гаѓан“ од сопствените редови. Тој меѓутоа призна дека некои парични трансфери ги пријавил предоцна.

Оставка бараат дури и коалиционите партнери

Но кризата е веќе тука. Шефот на Комисијата за борба против корупцијата Горан Клеменчиќ претпостави дека извештајот на комисијата ќе предизвика политичка криза, но нагласи дека институцијата само совесно си ја врши работата: „Посакуваме и други во државата да работат совесно, наместо вината да ја бараат во нас, а не кај оние кои систематски го прекршуваат законот. Се надевам дека општеството на ова ќе реагира со неопходна сериозност“, рече тој.

Janez Jansa Premierminister Slowenien
Јанез ЈаншаФотографија: Getty Images/AFP

Барањето за оставка на двајцата политичари станува се‘ погласно. Такво барање има и опозицијата и коалициониот партнер на Јанша. Јанковиќ и Јанша оставија одлука за нивната судбина да донесат партиските тела, кои вчеравечер (09.01) им дадоа поддршка. Но коалиционите партнери на Јанша се и натаму незадоволни. Претседателот на парламентот и шеф на Граѓанската алијанса, која е дел од централно-десничарската влада, Грегор Вирант, рече: „Можам да повторам дека резултатите од антикорупциските власти за двајцата политичари се толку оптоварувачки, што единствена логична последица може да биде повлекување на двајцата. На тоа останувам.“

Studienreise in Slowenien
Зоран ЈанковиќФотографија: DW

Со останувањето на функција Јанша и Јанковиќ не остават добар впечаток, укажува и професорот Рајко Пирнат во изјава за весникот „Дневник“. Случајот само ќе го зајакне впчатокот на јавноста дека има премногу корупција која останува неказнета, вели професорот по право Пирнат. А токму тоа може повторно да ги разбуричка духовите во Словенија, каде пред Божик илјадници луѓе протестираа против корупцијата. По протестите, на оставка беше принуден градоначалникот на Марибор.