1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Навредениот Трамп му го возвраќа ударот на Твитер

Карла Блајкер
29 мај 2020

Доналд Трамп чувствува дека Твитер му ја повредил честа. Никој не смее да укажува на лагите на Претседателот! Притоа, интернетот има потреба од повеќе проверка на факти, а не од помалку, оценува Карла Блајкер.

https://p.dw.com/p/3cwUv
Donald Trump
Фотографија: picture-alliance/dpa/AP/E. Vucci

Американскиот претседател Доналд Трамп повторно е вмешан во мала војна. Овојпат неговиот бес врз себе го навлече Твитер, медиумот преку кој Трамп главно комуницира. Откако во минатото повеќепати се жалеше дека Твитер ја ограничува слободата на говор на конзервативните корисници, социјалната мрежа сега стана цел на неговиот последен политички напад. Претседателот вчеравечер потпиша т.н. извршна одлука со која на социјалните медиуми им се одземаат важни права.

Главната точка на новата одлука цели кон важен закон кој би требало да ги заштити социјалните медиуми од тужби. Според тој закон, Твитер, Фејсбук и компанија не се одговорни за содржините кои корисниците ги објавуваат на нивните страници. Ваквиот имунитет сега Трамп го става под знак прашалник. Доколку тоа му помине, мрежите ќе бидат контролирани многу построго во однос на содржините кои се објавуваат. Ќе биде практично неизбежна „де факто цензура“. Иронијата е во тоа што од таквиот потег ќе бидат погодени токму, така да се каже, „страствени“ твитови како оние на Претседателот. Но, околу тоа, се чини, Трамп не размислил. Да не е толку сериозно, би било смешно.

Autorenbild l Kommentatorenbild DW Carla Bleiker PROVISORISCH
Карла Блајкер, авторка на коментаротФотографија: privat

„Мала група социјални медиуми контролира голем дел од целата јавна и приватна комуникација во САД“, изјави Претседателот при претставувањето на одлуката во Белата куќа. „Тие имаат неконтролирана моќ да цензурираат, ограничуваат, обработуваат, формираат, сокриваат, менуваат практично секаква форма на комуникација меѓу граѓаните и во широката јавност.“

Трамп вели дека сакал да се погрижи овие мрежи да не добиваат веќе пари од даночните обврзници и дека нема да дозволел тие и натаму да ги тероризирале американските граѓани.

Проверката на фактите треба да се зголеми!

Повод за сето ова - Твитер означи со линк за проверка на факти два твита од Трамп во кои тој го напаѓаше гласањето по пошта. На корисниците кои кликаа на линкот им беше објаснето дека гласањето по пошта ни оддалеку не е толку подложно на опасност од манипулации како што тоа го тврди Претседателот. Јавно да се укажува на негови неточни изјави и тоа на медиумот каде тој досега непречено можеше да шири омраза, полувистини и невистини - тоа, се разбира, воопшто не му се допадна на Трамп.

Сега Претседателот оваа измислена лична навреда ја зема како повод да презема мерки против социјалните медиуми, тврдејќи дека тие отсекогаш заземале страна против конзервативните политичари. И, тоа доаѓа од човекот кој како ниеден друг политичар го користи Твитер за својот личен говор на омраза против оние кои размислуваат поинаку. Апсурдноста не познава граници.

Но, настрана од буката што ја крева Трамп, Твитер, Фејсбук и компанија би морале токму пред настани како што се американските претседателски избори да се прашаат како ќе постапуваат со политички лажни изјави. На последните избори за претседател лагите кои се ширеа преку Фејсбук одиграа улога за пораз на Хилари Клинтон.

Логично беше основачот на Фејсбук, Марк Закерберг, по повод кавгата на релација Трамп-Твитер, да изјави дека смета оти проверката на факти на политички изјави не е одговорност на социјалните медиуми. За фер избори, меѓутоа, предупредувањата од лаги, како што Твитер тоа го направи со линкот на твитовите од Трамп, е од непроценливо значење. Мрежата не би требало да запре со проверката на факти, туку напротив, би требало да ја зголеми. И тоа за политичари од секаков колор.