1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нагорно Карабах: Има ли војна која не е поради пари?

Николас Мартин
14 октомври 2020

Како и во секоја војна, и во актуелната која се води за Нагорно Карабах, нацијата се истакнува како најважна работа. Но, за подобро да се разбере овој, но и други судири, секогаш е добро да се следи трагата на парите.

https://p.dw.com/p/3jvFA
Aserbaidschan | Berg-Karabach | Angriffe auf Ganja
Фотографија: Umit Bektas/Reuters

Нагорно Карабах не е регион за кој на Западот се знае многу. Во вооружениот судир помеѓу Ерменија и Азербејџан станува збор пред се’ за Ерменците, кои се мнозински дел од населението во регионот, иако тој теоретски е дел од Азербејџан. Тој регион исто така теоретски се прогласи за самостојна држава, но таа не е призната од ниедна држава членка на Обединетите нации.

А, кога Нагорно Карабах навистина би бил самостојна држава, тој минатата година би имал БДП од околу 600 милиони евра. Тоа не е многу, повеќе има дури и мнозинството островски државички на Карибите или Пацификот. Меѓутоа, додека и Ерменија и Азербејџан, особено во време на пандемија, бележат рецесија, стопанството на Нагорно Карабах упорно и значајно расте со стапка од десетина проценти годишно. И, така е веќе цела една деценија. Во 2017 година, според податоци на рускиот весник РБЦ кој се занимава со економски теми, забележан е дури и раст од 17%.

Мал економски скапоцен камен

Нагорно Карабах, имено, е регион кој, барем пред пандемијата, имаше мала, но разнолика и силна економија. Посебно значаен извор на приходи се рудните богатства, скапоцените и полускапоцени камења и металите, како злато и бакар. Тој регион воедно е и производител на градежен материјал. Руски т весник наведува дека притоа три четвртини од извозот одат всушност преку Ерменија, која таа стока ја декларира како свој производ. Згора на се’, Нагорно Карабах, благодарение на тамошните хидроцентрали, извезува и струја, и тоа главно во Ерменија.

Karte Armenien Aserbaidschan Berg-Karabach EN

Пандемијата, додуша, ја загрози и економијата на Нагорно Карабах, но пред се‘ тешко ја погоди Ерменија. И Ерменија во изминатите години исто така бележеше раст - од 2007 година во просек 7,6%. Но, и таа земја годинава ќе падне во рецесија, проценуваат стручњаците од Европската банка за обнова и развој (ЕБРД). Ерменија, сепак, е земја која во голема мерка зависи од стотиците милиони долари уплати од дијаспората, која брои околу 11 милиони луѓе ширум светот. Поради мерките за сузбивање на короната, тие дознаки се драстично намалени. ЕБРД проценува дека се намалени за околу 40%

Силвија Штебер, новинарка која добро го познава регионот Нагорно Карабах, потсетува дека Ерменија има големи маки со корупцијата, поради која таму во 2018 година и дојде до т.н.„Кадифена револуција“. Но, поради короната, запреа сите реформи. „Овој вооружен судир е свртување на вниманието од економските и социјалните проблеми“, вели Штебер. „На тој начин и оние луѓе кои беа критички ориентирани, се собраа под националното знаме.“

Повеќе:

ЕУ со нови санкции против Русија

Прекин на прекинот на огнот во Нагорно Карабах?

Кој што сака во Нагорно-Карабах?

Фотографија на денот: Со пушка и шамија на прaгот од куќата во Нагорно Карабах

Огромни проблеми поради короната

Од друга страна, и Азербејџан минува низ тешки денови, иако таа земја е богата со нафта. „Коронавирусот, во комбинација со колапсот на цената на нафтата, тешко ја погоди економијата на Азербејџан, и тоа токму во време кога земјата тргна кон итно неопходните реформи“, објаснува Силвија Штебер. Кога вели „реформи“, таа во суштина мисли на борбата против корупцијата која практично ја голта земјата.

Сепак, најголем проблем на Азербејџан е актуелната цена на нафтата. Наспроти напорите да го диверзифицира стопанството, околу 40% од БДП на Азербејџан и натаму доаѓаат од нафтата и гасот. Тие енергенси учествуваат со 90% во извозот. Според проценките на ЕБРД, стопанството на таа земја поради сето тоа ќе падне за најмалку 3%.

Berg-Karabach Stepanakert | Brot-Fabrik
Фабрика за леб во Степанакерт, Нагорно Карабах, која ги снабдува ерменските војнициФотографија: Brendan Hoffman/Getty Images

И, судирот продолжува, иако би можел да нанесе голема штета на инфраструктурите на двете земји. Азербејџан минатата недела ја обвини Ерменија дека го ракетирала нафтоводот кој транспортира нафта кон европскиот пазар. Ереван, се разбира, таквите обвинувања ги нарече „одвратни лаги“.

Вмешани и соседни сили

Во судирот околу Нагорно Карабах прсти имаат вмешано и соседни земји, кои исто така сакаат да го свртат вниманието на својата јавност од други теми.

Поради геноцидот над Ерменците на почетокот на минатиот век, односите на Ерменија и соседна Турција тешко можат да се наречат дури и „ладни“. Притоа, Анкара е традиционално блиска со Азербејџан.

Русија, пак, сака да се претстави како земја која одржува добри односи со двете држави, иако има договор со Ерменија за воена помош. Освен тоа, Русија им продава оружје и на едната и на другата страна, а Турција само на Азербејџан. Така, Анкара таму ги продаде своите бесполитни летала за 30 милиони долари, а турската војска помага и во обуката на воените сили на Азербејџан.

Сепак, клучен играч во тој регион е Москва. „Русија би можела да го прекине судирот во секој момент“, уверен е Бен Арис, главен уредник на берлинскиот портал „БНЕ Интелињус“. „Таа тоа го стори и во 2016 година, кога судирот траеше само четири дена. Но, овојпат не прави ништо.“

За тоа има причини. На Путин очигледно не му се допаѓа водачот на ерменската „Кадифена револуција“, а сегашен премиер на таа земја, Никол Пашинјан, кој е склон кон тоа да ја приближи Ерменија повеќе кон ЕУ, а помалку кон Евроазиската економска унија.