1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Наградата и‘ ја посветувам на мојата татковина“

21 октомври 2010

Европскиот парламент денеска го објави името на добитникот на наградата за слобода на духот и човекови права „Сахаров“. Овогодишен лауреат е Гиљермо Фарињас, дисидент кој се бори за поголеми права и слободи на Куба.

https://p.dw.com/p/Pk2G
Фотографија: dpa

Четириесет и осум годишниот психолог и новинар, Гиљермо Фарињас, кој вкупно 23 пати штрајкувал со глад, е еден од најпознатите противници на режимот на Кастро. Годинава Фарињас помина 135 денови во штрајк со глад со цел да се ослободат 26 затвореници-противници на актуелниот режим во Куба. Во една од неговите книги Фарињас пишува дека народот на Куба потполно живее во страв, што поради притисоците од власта, што поради безработицата и сиромаштијата. Сепак, поборникот за човекови права смета дека последниве години во Куба паралелно се случуваат и тивки промени: „Ситуацијата во Куба се менува. Моќта на владата опаѓа. За тоа најзаслужно е продемократското движење во земјата, чии приврзаници масовно и` се спротивставуваат на владата. Тие јавно покажуваат дека во државата постојат луѓе кои се подготвени да се конфронтираат со владата која, пак, ги етикетира како платеници на САД.“

Кубанците заслепени од пропагандата

Guillermo Farinas
Фарињас годинава помина 135 денови во штрајк со глад против актуелниот режим на КубаФотографија: AP

Според Фарињас, политичките односи на Куба позитивно ќе се променат доколу САД им дозволат на своите граѓани да го посетуваат Островот. „Кубанската влада има голем удел во лошата слика која граѓаните на САД ја имаат за нас. Овдешните луѓе не ги познаваат Американците и уверен сум дека со доаѓањето на американските туристи владата на Куба ќе доживее идеолошки потрес, без разлика на тоа што ќе профитира од нивните посети. Кубанците се заслепени од владината пропаганда и затоа од пресудно значење е народот да сфати дека Американците може да им донесат просперитет. Тоа ќе го забрза целиот процес на промени во земјата.“

Наградата „Сахаров“, Европскиот парламент ја доделува за посебни заслуги во одбраната на слободата на мислењето и човековите права. За Фарињас, таа е уште едно големо признание во долгогодишната борба за демократија на Куба: „Наградата ја посветувам на мојата татковина, на народот кој страда, на сите Кубанци кои загинаа во битката за повеќе демократија во земјава. Ја посветувам и на сите оние кои ми дадоа безрезервна поддршка во мојот штрајк со глад и кои не дозволија пропагандата да го смени нивното мислење за мене“.

Автор: Ева Узи / Далибор Стајиќ

Редактор: Жана Ацеска