1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Надворешната политика и женските права

Наоми Конрад/Б. Георгиевски7 јули 2013

Од кампањи против сакатење на гениталиите до поддршка на женските организации во Авганистан: правата на жените играат улога во германската надворешна политика. Но, не и главна...

https://p.dw.com/p/192aS
Фотографија: picture-alliance/dpa

Пред салата во германското МНР патролираа двајца припадници на обезбедувањето. Зад вратите се одржува конференција. На неа се претежно жени. Мнозинството учесници за првпат се во Министерството.

„Во оваа зграда не се одржуваат често конференции за жени“, признава државната секретарка во министерството за надворешни работи Корнелија Пипер. Оваа политичарка од Либералната партија минатата недела организираше панел-дискусија на тема насилство над жените. „За ова треба да се замислиме“, оцени таа, на што жените во публиката одговорија со гласен аплауз.

Насилството над жените е проблем во целиот свет. Според истражувањата на Светската здравствена организација објавени кон крајот на 2012 година, над 70 отсто од жените во Етиопија доживеале сексуално или физичко малтретирање од страна на партнерите. И во Јапонија, земја со најниска стапка на насилство над жените, дури 15 отсто жени доживеале насилство. Во Германија, според истражувањето на Министерството за семејство, околу една четвртина од жените барем еднаш во животот биле жртви на насилство на партнерите. Една од учесничките на конференцијата раскажува дека залудно се обидувала да пронајде прибежиште во некоја од „сигурните“ куќи за злоставувани жени во Баварија. Сите биле полни.

Cornelia Pieper
Корнелија ПиперФотографија: dapd

Правата на жените како тема за преговори

Германија е многу „активна“ кога се во прашање правата на жените во рамките на државата и борбата против семејното насилство, тврди Пипер. Освен тоа, владата се залага за воведување меѓународен ден на девојките и поттикнува различни проекти со цел зајакнување на правата на жените ширум светот.

„Сметам дека можеме да сториме и многу повеќе, особено во однос на надворешната политика“, вели Пипер.

Но, не е доволно само да се поттикнуваат проекти. Проблемите поврзани со жените мора да бидат тема и за време на меѓувладините преговори. Пипер верува дека на тој начин другите земји „би се приближиле кон нашите вредности по прашањето на човековите и женските права“. На пример Турција: преговорите меѓу Анкара и ЕУ би можеле значајно да влијаат на зајакнување на женските права, убедена е Пипер.

Публицистката Нецла Келек, по потекло од Турција, вели дека во таа земја, особено во руралните делови, проблемот на насилството во семејството се уште е многу изразен. Но турската влада не прави ништо по тоа прашање. „Државата воопшто нема намера да изгради некоја своја или да им помогне на постојните женски куќи“.

Краткорочни проекти

За проблемите во Кенија говори тамошната активиститка за човекови права Аума Обама, која ја основала фондацијата „Силни гласови“. „Преку музика и театар децата и младите треба да стекнат самодоверба и да научат да кажат 'не'. Ја основала фондацијата бидејќи вели оти е фрустрирана со развојните стандарди на западните земји - меѓународните актери поттикнуваат проекти, но тие се краткорочни, траат по пет, понекогаш и по три години. „Во животот на едно дете тоа не значи ништо. Тие деца потоа, едноставно мораат да се вратат на улица“. Понекогаш развојните програми претставуваат и пречки: „Белиот човек едноставно ќе дојде и ќе каже што треба да се прави. Но проблемите треба да се решаваат и поинаку“, вели Обама.

06.2013 DW Akademie Medienpreis Jury Auma Obama
Обама АумаФотографија: DW Akademie/Nomi Baumgartel

Премалку внимание се посветува на емоционалното насилство над жените, а и тој вид насилство остава голема трага.

„Насилството не е само пролевање крв. Постои и поинакво насилство“, смета Обама.

Корнелија Пипер ветува дека МНР и следната година ќе организира конференција за жените. „Се надевам дека тогаш ќе има и повеќе мажи“, вели таа.