1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Наддавање за Олимпијадата

2 октомври 2009

Како можни домаќини за Летните олимписки игри во 2016 година останаа уште четири градови-кандидати. Денеска во Конпенхаген треба да биде донесена конечната одлука: Чикаго, Рио де Жанеиро, Токио или Мадрид?

https://p.dw.com/p/JwDH
Фотографија: DW

Кој ќе ја добие трката за Летната олимпијада во 2016 година? Ни малку лесна одлука за Меѓународниот олимписки комитет, се согласува и германскиот член во оваа организација, д-р Томас Бах: „Одлуката е неизвесна, трката е возбудлива, ни самиот не би можел да кажам кој има предност.“

Dänemark USA Barack Obama IOC-Vollversammlung Olympische Spiele 2016 Chicago
Барак Обама во убедувачка мисија за ЧикагоФотографија: AP

Четирите кандидати денеска прво ќе се претстават, потоа комисијата за оценка на МОК ќе го поднесе својот завршен извештај. Во гласањето што ќе следи, претседателот на МОК е традиционално воздржан, не можат да гласаат ниту членовите од земјата од која има град-кандидат во трката. Изборот е завршен кога еден град ќе добие апсолутно мнозинство. Ако во изборот никој не добие апсолутно мнозинство, отпаѓа градот со најмал број гласови и во следниот круг гласање се оди со еден кандидат помалку.

Неизвесна трка

Во неизвесна трка како денешната, ќе решаваат ситници. Меѓу другото, можно е да биде од значење и сигналот кој ќе го даде политичкото раководство на евентуалниот домаќин дека неизоставно сака да ги добие Олимписките игри. Во тој дел убедливи беа сите кандидати. Во Копенхаген се бразилскиот претседател Игнасио Лула да Силва, новиот јапонски премиер Јукио Хатојама, шпанскиот крал Хуан Карлос со сопругата Софија и шпанскиот премиер Хозе Луис Запатеро.

За да врбува за својот роден град Чикаго, во Копенхаген допатува американскиот претседател Барак Обама, користејќи ја приликата за рекламна препорака: „Чикаго е поамерикански од сите американски градови.“ Но, дали тоа ќе биде доволно за градот да ги добие Олимписките игри?

Фаворити и атусајдери?

Olympia 2016
Пеле агитира за БразилФотографија: AP

Поважни при одлуката може да бидат очекуваните пари од телевизиските преноси - повеќе од половината МОК ги добива од САД. По трите Олимписки игри, во Пекинг, Атина и Сиднеј, со најважните термини надвор од шпицот на американското време на емитување, МОК овојпат би морал да стравува со загуби ако игрите не отидат во Чикаго. Освен тоа, Националниот олимписки комитет на САД би бил подготвен да се откаже од дополнителни пари од МОК за да ги добие игрите, што не е за потценување.

Но, добри шанси има и Рио де Жанеиро, со оглед на тоа што досега ниедна латиноамериканска земја не ја добила организацијата. Затоа претседателот на МОК, Жак Рог изјави: „Ме радува што имаме кандидат од Јужна Америка.“

Но, неповолно е што така Летните олимписки игри во Бразил во 2016 година би биле веќе втор голем спортски настан. Во 2014 година таму се игра Светското фудбалско првенство.

За аутсајдери важат Мадрид и Токио. Со Олимписките игри во Лондон во 2012 година, игрите веќе имаат европски домаќин, а во 2008 беа во Азија. Претседателот на МОК Жак Рог, сепак, истакнува дека сите четири кандидати би биле извонредни домаќини.

Автор: Андреас Цимонс / Жана Ацеска

Редактор: Александра Трајковска