1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Надеж за прекин на судирите?!

16 мај 2010

Владата на Тајланд ја проширува вонредната состојба со цел немирите да не се прошират во други делови на земјата. Таа го отфрли и повикот на демонстрантите за преговори за запирање на судирите со посредство на ОН.

https://p.dw.com/p/NPNW
Судири во ТајландФотографија: AP

По два месеца борби за превласт, судирите меѓу антивладините протестанти и силите за безбедност на Тајланд викендов повторно ескалираа. Во уличните борби во Бангкок изминатите денови животот го загубија најмалку 25 лица, а повеќе од 215 се повредени. Цели улици во центарот на 15 милионската метропола наликуваат на воена зона. Опозиционите демонстранти употребија камења и молотови коктели против војската, а палеа и автомобили и гуми.

Тајландската владата планираше да воведе полициски час, но по консулатации со армијата се откажа од овој чекор. Наместо тоа премиерот Абхизит Веџаџива ја прошири вонредната состојба во пет други провинции, поради страв да не дојде до проширување на немирите.

Трговскиот кварт на Бангкок се’ уште го држат запоседнат најмалку 5.000 демонстранти, меѓу нив и жени и деца. Иако им се намалија резервите со вода, храна и бензин, опозиционерите уверуваат дека се’ уште имаат доволно залихи. Демонстрантите бараат нови избори, а обидите за преговори пропаднаа пред почетокот на викендот. Со оглед на растечкиот број жртви, протестното движење денеска повторно се заложи за дијалог, еден од водачите му понуди на премиерот разговори, под услов да се повлече армијата и ОН да ја преземат улогата на посредник. Владата го одби предлогот.

Генералниот секретар на ОН ги повика двете страни да се вратат на преговарачка маса. САД и Германија им советуваат на своите граѓани да не патуваат во Бангкок.

Автор: АТ/СН/ртре