1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Надеж за човековите права

12 мај 2009

Советот за човекови права на ОН е мултилатерално тело. Во Советот, кој заседава во Женева, се застапени 47 нации. САД беа на почетокот против оваа институција, а сега сакаат да учествуваат во нејзината работа.

https://p.dw.com/p/Hnsk
Советот за човекови права во ЖеневаФотографија: AP

Кога Генералното собрание на ОН на 15 март 2006 година го усвои формирањето на новиот Совет за човекови права, САД гласаа против, заeдно со Маршалските oстрови, Република Палау и Израел. Сите други земји членки на ОН гласаа „за“ Советот, иако на некои од нив не им се допаѓаше распределбата на местата. Имено, влијанието на западните и латиноамериканските регионални групи се намали во споредба со она што го имаа во поранешната Комисија за човекови права. Од вкупно 47 места, на западните земји им припаднаа седум места, на Латинска Америка осум. По тринаесет места имаат африканските и земјите од Азија. За источноевропските земји се резервирани шест места.

При првиот избор, во мај 2006 година, Германија доби место во ова тело. Овојпат, според принципот на ротација, земјата нема да добие директно место во Советот за човекови права. За вкупно три слободни места во групата на западните земји се кандидираат Норвешка, Белгија и САД. Членовите се бираат за наредните три години, со тајно гласање за време на Генералното собрание на ОН. За изборот е потребно апсолутно мнозинство - во моментов најмалку 96 гласови. Пред изборот, кандидатите даваат изборно ветување, во кое се обврзуваат дека ќе го поттикнат решавањето на проблемите со човековите права во сопствената земја и дека ќе ги потпишат меѓународните договори за човекови права - потсетник на граѓанското општество и невладините организации за државите и нивните обврски. Но, и пресвртница во политката кон човековите права на САД.

Нова структура во работењето

Комисијата за човекови права, што беше расформирана во 2006 година, беше на лош глас. Ја обвинуваа дека затвора очи пред повредите на човековите права, според мотото: ако не зборуваш за моите проблеми со човековите права, нема ни јас да зборувам за твоите, нешто што го практикуваа особено оние земји, на кои им се префрлаше за повреда на човековите права. Ова требаше да се смени во новиот Совет за човекови права. Затоа е воведена нова структура во работењето. Советот се состанува најмалку десет недели годишно и воведе една одлучувачка новина - Универзалната периодична постапка на проверка. На овој начин, редовно се проверува состојбата со човековите права ротационо на секои пет години, во сите земји членки на ОН. Резултатите се документираат јавно.

Во случај на избор, на оваа постапка ќе подлежат и САД. Сепак, концентрацијата на повреди на човековите права во Израел покажува одредена едностраност во работењето на Советот за човекови права. Според мислење на експертите, методите на измачување на Американците во Абу Гариб и Гвантанамо му нанесоа големи штети на системот на човекови права на ОН и моралната веродостојност на западните земји.


Автор: Улрике Маст-Киршнинг / Александра Трајковска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска