1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија: Давањето дозволи за работа на Балканци оди бавно

ЕМФ/епд10 март 2016

Отворањето на германскиот пазар за работа за доселеници од Западен Балкан оди бавно. Досега се доделени само нешто повеќе од 800 работни дозволи.

https://p.dw.com/p/1IAIp
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Stratenschulte

Германија во октомври минатата година донесе одлука да го отвори пазарот на работа за доселеници од земјите од Западен Балкан, но процесот се одвива многу бавно. Во периодот од декември 2015-та до февруари годинава на граѓани од шесте земји на Западен Балкан им се доделени вкупно 837 дозволи за работа во Германија, пишуваат денеска весниците кои се дел од медиумската групација Функе од Есен (Берлинер моргенпост, Брауншвајгер цајтунг, Хамбургер абендблат, Ноје Рур цајтунг, Вестдојче алгемајне цајтунг, Тирингише ландесцајтунг и неколку други помали весници). Весниците притоа се повикуваат на податоци од Сојузното министерство за труд.

Сепак, како што се вели, расте интересот за работни дозволи, а како пример се наведува дека во јануари и февруари годинава Сојузната агенција за работа дала согласност за работа за три илјади лица. Врз основа на таа согласност лицата би требало да поднесат барање за виза. Портпаролка на Министерството за труд вели дека новоотворениот пат за легална економска миграција треба прво да се осознае.

Германската влада во октомври донесе одлука покрај Србија, Македонија и Босна и Херцеговина, за сигурни земји на потекло да ги прогласи и Косово, Албанија и Црна Гора. Ваквото категоризирање служи за барателите на азил од овие земји да бидат враќани во татковините по брза постапка. Граѓаните од шесте земји од Балканот наместо да поставуваат безизгледни барања за азил во Германија, треба да добијат легални начини за работа во земјата.

Германската министерка за труд и социјала Андреа Налес во септември изјави дека во период од 5 години би требало во Германија годишно да доаѓаат по 20.000 работници од Балканот, без оглед на квалификацијата. Тие во Германија би работеле, или би биле примани на обука. „Тоа би била една можност да се прекине кругот од доаѓање и протерување“, рече Налес. Предуслов за доаѓање би била согласност од Агенцијата за работа и имање конкретно работно место, односно место за обука, со плата која е вообичаена за германски услови.

Германскиот сојуз на здруженија на работодавачи (БДА) ги критикуваше специјалните правила за граѓаните од Западен Балкан и наместо тоа бараше брза интеграција на пазарот на работа на бегалците кои имаат перспектива за останување, како и правила за целно доселување на стручна работна сила. Пратеничката на Зелените Ула Јелпке правилата за визи за балканските држави ги нарекува „алиби решение“. Ромите, кои се прогонувано и дискриминирано малцинство на Западен Балкан, немаат ништо од ваквите правила, изјави Јелпке за весниците од медиумската групација Функе.