1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Намален бонитетот на европскиот „чадор“ за спас на еврото

ЖА/дв/дпа/афп1 декември 2012

Рејтинг агенцијата Мудис ја намали оценката на кредитоспособноста на ЕСМ и ЕФСФ за еден степен, од „Ааа“ на „Аа1“. Негативно се оценети и прогнозите, што значи, се заканува ново намалување на бонитетот.

https://p.dw.com/p/16u2U
Фотографија: dapd

Причината за новото намалување на оценката на ЕСМ и ЕСФС од страна на Мудис е најновото намалување на кредитниот рејтинг на Франција. На 19. ноември Мудис и неа ја рангираше со оценка „Аа1“, поради негативните долгорочни изгледи на порастот на француското стопанство. Франција, по Германија, е вториот најважен гарант на европскиот „чадор“ за спас на еврото. Уште во јануари оваа година американската рејтинг агенција Стандар енд Пурс и’ ја одзеде на земјата најдобрата оценка.

„Одлуката на Мудис е тешко разбирлива“, изјави шефот на Европскиот фонд за спас на еврото, Клаус Реглинг. Мудис ги превидува цврстите институционални рамки, политичката поддршка и силната структура на капиталот. И шефот на Еврогрупата Жан Клод Јункер смета дека зад ЕСМ и ЕСФС стои „политичка и финансиска поддршка“.

Европскиот механизам за стабилност - ЕСМ, е наследник на временски ограничениот „чадор“ за спас на евтото, ЕФСФ. Кризниот фонд во случај на потреба на финансиските пазари излегува со обврзници, за кои гарантираат земјите од еврозоната. Потоа парите како кредити со камата им се даваат натаму на државите кои се економски ослабнати.

Влошениот рејтинг може да го отежне снабдувањето со свеж капитал на финансиските пазари. Често со тоа се поврзани повисоки камати за должниците. Сепак, оценката „Аа1“ се‘ уште е во рамките на добра оценка, а Мудис е само една од поголемите рејтинг агенции. На пример, кај рејтинг агенцијата Фич Европскиот механизам за стабилност се‘уште има најдобра оценка. Рангирањето од Мудис доаѓа во момент кога Европа извојува етапна победа во борбата со должничката криза - по повеќенеделни натегања меѓународните кредитори се согласија на исплата на новите кредити за Грција, во висина од повеќе милијарди евра.