1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тирингија со нова корона-стратегија: Отвори очи и терај!

26 мај 2020

Германија стои релативно добро во борбата против коронавирусот, и покрај тоа што секоја покраина следи свој курс. Некои постапки на покраините, меѓутоа, предизвикуваат општа нервоза.

https://p.dw.com/p/3clBj
Deutschland | Ministerpräsidentenkonferenz trifft Bundesregierung
Ангела Меркел (л.) воопшто не е одушевена од намерите на Бодо Рамелов (во средина)Фотографија: picture-alliance/dpa/B.v. Jutrczenka

Како само Германија го постигнува тоа? Прашањето, при погледот врз корона-статистиките, веројатно си го поставува половина од светот, ако не можеби и целиот свет. Бројот на новоинфицирани се намалува, оној на оздравени се зголемува. И, со 8.302 починати (состојба од 26.05.2020), пред се’ најстрашната бројка е впечатливо ниска во споредба со другите земји. Тоа се десет починати на 100.000 жители. Значително подраматична е состојбата во Шпанија (61), Италија (54) и Франција (42), или на другата страна на Атлантикот, во САД (29).

Како да се објасни ваквиот, не многу тежок, тек на пандемијата во Германија? Однадвор погледнато одговорот е честопати кус и гласи: Ангела Меркел. Германската канцеларка повторно е фалена за своето менаџирање со кризи. Ја фалат и дома. Сепак, демохристијанката, која владее од 2005 година, со својот т.н. корона-кабинет, не е единствената која го трасира патот. Причината за тоа е федералното уредување на Германија, која се состои од 16 покраини. И, сите тие сакаат право на збор кога се работи за сузбивање на пандемијата.

Тоа и го прават, и тоа се’ погласно и повеќе. На почетокот се работеше за тоа која покраина најбрзо ќе воведе најголеми рестрикции. Од почетокот на мај, пак, се оди во обратна насока - волшебниот збор гласи „разлабавување“. Притоа, ѓаволот повторно се крие во деталите. Кога и каде децата смеат да се вратат во градинка и на училиште? Што е со рестораните, базените, фитнес-студијата, кината и театрите? Да не се заборави и Бундеслигата. Во Германија во меѓувреме повторно се игра фудбал, а светот, барем земјите каде фудбалот е омилен спорт, гледаат фасцинирано.

На 6 јуни - уште полабаво

Веројатно затоа надвор од Германија ретко кој би се зачудил во врска со овој наслов: „Ангела Меркел го прогласи корона-карантинот за завршен!“ Нешто во таа насока се почувствува во текот на викендот, а дојде од покраинскиот премиер кој важи за човек кој релативно долго и добро ги промислува постапките, Бодо Рамелов. Левичарскиот политичар сака да преземе „натамошни чекори со цел да се стави крај на мерките на изолација“ во покраината Тирингија. Како конкретен датум тој го спомена 6 јуни.

Ваквата намера на Рамелов предизвика жестока дебата во земјата и покажа дека консензусот кој се негуваше на почетокот сега е минато. Скептиците сметаат дека напредокот остварен со многу напори сега е во опасност и укажуваат на најновите информации за нови корона-случаи во Хесен и Долна Саксонија. Двете покраини граничат со Тирингија и имаат слична стапка на смртност. Но, што тоа зборува за динамиката на еден вирус, за кого дури и експертите имаат различни ставови? Дотолку повеќе што на југот на Тирингија е Баварија, покраина со најголема стапка на смртност, а на север е Саксонија Анхалт, покраина со втора најниска стапка на смртност.

Infografik COVID-19 Fälle in deutschen Bundesländern EN
Ковид-19 инфекции во германските покраини на 100.000 жители

Препораки наместо забрани

Бодо Рамелов ги знае сите овие бројки, сомнежи и грижи. И, барем како што вели, ги зема сериозно предвид. Ситуацијата и натаму е „фрагилна“, но тој сака од „забрани“ да премине на „препораки“, од „државна принуда“ на „сопствена одговорност“. И, вели дека не може да вети оти „нема да дојде повторно до степен на инфекција кој ќе бара повторно воведување ограничувања“.

Infografik Corona-Tote in deutschen Bundesländern DE
Број на починати во германските покраини на 100.000 жители

Најпознатиот германски виролог Кристијан Дорстен смета дека апелот на Рамелов до граѓаните да бидат одговорни е ризичен и притоа укажува на развојот на состојбата во Шведска. „Деновиве сме сведоци, а тоа уште повеќе ќе се покаже во наредните месеци, дека таму има многу висока стапка на смртност“, изјави вирологот за радиото Дојчландфунк. Актуелната стапка на смртност е 39 на 100.000 жители и е една од највисоките во Европа. Во оваа скандинавска земја корона-рестрикциите се многу благи и тоа е едно од можните објаснувања за ваквите бројки.

Што ќе се случи доколку Тирингија се претвори во германска Шведска?

Германскиот начин на справување со пандемијата, поради релативниот успех, се набљудува со многу внимание од страна на другите земји. Доколку Тирингија се претвори во германска Шведска, ваквата улога на земја за пример можеби би завршила. Притоа, не треба да се превиди дека станува збор за многу ретко населена покраина, која има само 2,1 милиони жители. Во Германија вкупно живеат 83 милиони луѓе.

Бодо Рамелов, кој во корона-кризата досега делуваше воздржано, во меѓувреме како што се чини, барем реторички, е свесен дека можеби избрзал. „Не реков дека луѓето треба да се прегрнуваат или да ги тргнат заштитните маски и да се бакнуваат“, изјави премиерот на покраината Тирингија за радиотелевизијата МДР. Правилата како држење дистанца не би требало да се занемарат, вели тој. Речиси се’ звучи како работите да треба да останат на старо.

Држи дистанца!

Претседателот на Бундестагот го фали германскиот федерализам

Желба за скорашно  завршување на корона-рестрикциите се слуша и во соседната покраина, Саксонија. Така е во земја во која не се владее централистички. Претседателот на германскиот Бундестаг, Волфганг Шојбле, смета дека тоа е добро: „Ако се биде и натаму внимателен и ваквите мерки на разлабавување по потреба се повлекуваат, тогаш ризикот не е неодмерен“, изјави демохристијанинот Шојбле за агенцијата АФП.

Сепак, според Шојбле, Рамелов презел „голем ризик“. Истовремено, „силна страна на нашиот федерален систем е што на регионално различни ситуации може да се реагира различно“, нагласи Шојбле.

А, што мисли Ангела Меркел? Дека и по истекот на она што сојузот и покраините досега го имаа договорено, треба да има „обврзувачки налози“, а не само препораки. Така изјави нејзиниот портпарол Штефен Зајберт. Сега не смеело да се дозволи загрозување на она што е постигнато.