1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Наместо звуци од школка, конечно мобилни телефони

11 август 2009

Живот без смс пораки и интернет - денес едвај може да се замисли. Но Вануату, земја во Јужниот Пацифик, дури сега поставува интернет конекција и голем број жителите допрва почнуваат да користат мобилни телефони.

https://p.dw.com/p/J5Zm
Фотографија: picture-alliance/dpa

Пристигна еден брод. Пред неколку недели еден чамец на фирмата „Дигисел“ се вкотви во малиот залив на островот Епи, во северен Вануату. Беше недела и многу луѓе отсуствуваа од богослужбата. Тоа речиси никогаш не го прават, бидејќи повеќето од нив се мошне религиозни. Но, за нив беше значајно пристигнувањето на бродот: на бродот имаше црвени балони и маички, но пред се‘ мобилни телефони. „Многу поедноставно е да зборуваш со своите пријатели, особено со оние кои живеат на другиот остров“, вели Мелани Вили.

Мелани Вили веднаш ја искористи приликата. Таа гордо ги носи своите два мобилни телефона на вратот. Едрата девојка со црна кадрава коса има 28 години. Таа вели дека претходно телефонирањето во заливот Лемен за неа било мошне непријатно. Неволно ги молела оние кои живееле во селото и имале телефонски приклучок за да се јави на телефон: „Се чувствував навистина непријатно постојано некого да прашувам дали смеам да го користам неговиот телефон. Некои луѓе лепеа лист на влезната врата на кој пишуваше: еден повик чини 100 вату, а еднаш да ве побараат чини од 100 до 200 вату. Тоа ми паѓаше тешко.“

Два-три часа пешачење до наредниот фиксен телефон

Vanuatu dichtbewachsener Dschungel
Нема телефон - нема туристиФотографија: DW/ Lydia Leipert

На островот Епи има само неколку фиксни телефони. Следниот апарат често е оддалечен повеќе километри. И бидејќи на островот нема асфалтирани улици и речиси одвај има автомобили, тоа значи пешачки маратон од 2 до 3 часа. Оној кој има фиксен телефон, не значи дека безусловно може да го користи. Како на пример Тасо Велаво. За него, старата техника е катастрофа, пред се‘ од професионален аспект. Тој изнајмува бунгалови на туристи. Проблем е кога туристите сакаат да резервираат ноќевање на главниот остров, што е невозможно, бидејќи нивниот фиксен телефон веќе со месеци не функционира. „Кога немаме никаква телефонска врска со копно, тука нема никој. Проблемот е во тоа што ние со бунгаловите, зависиме од комуникацијата. Кога не може да се јави ниту еден турист, нема ни да дојде некој“, објаснува Тасо Велаво.

Затоа, тој обезбеди за себе и своето семејство два мобилни телефона. Повеќето жители на Вануату, како и тој, се нафрлија на новата техника. Мобилните телефони не важат само за статусен симбол, туку тие и го олеснуваат секојдневието. Докторот дознава порано за некоја несреќа и може побрзо да помогне. Таксистот прави многу повеќе промет, бидејќи секогаш е достапен.

Опасност од исчезнување на традицијата

Сепак, постојат и некои недостатоци. Мелани Вили го прифаќа тоа што припејд картичките се празнат брзо, а дополнувањето на сметката е скапо. Она што ја предизвикува да размислува е нешто друго: „Мислам дека со ова ќе ги загубиме нашите традиционални звуци и музика. Особено нашиот лидер, племенскиот водич. Секогаш кога тој сака да свика собир на неговите луѓе, мора да свирне на школката пупу. Но, сега тој само ѕвони со својот мобилен и вели: ’Ајде, дојдете сите тука’. Тоа значи дека мобилниот телефон, а не школката го најавува собирот."

Vanuatu Flagge
Знамето на државата Вануату

И Јакоб Капере од Националниот музеј во Вануату, во главниот град Порт Вила, предупредува на последиците од модерната комуникација. Освен традицијата, се менува и општеството: „Нашите мудри луѓе се‘ уште може да го слушнат ветерот и звуците. Тие можат да праќаат вести и истите да ги разбираат. Со мобилните телефони се‘ тоа ќе заврши. Ова ќе направи поединци да се одвојат од заедницата. Кога ти ѕвони телефонот, ти се посветуваш и во исто време го оставаш настрана дружењето со твоето семејство, твојата заедница. Излегуваш за да зборуваш насамо и непрекинато и другите ги оставаш зад себе. Тоа денес го прави речиси секој.“

Се‘ ова е во опасност само доколку новата техника функционира правилно. Зашто, за полначите за батерии е потребна струја, но не секој жител на островот има генератор. Тука е и проблематичната мрежа за мобилна телефонија што ја принудува Мелани Вили со часови да седи на плажата со крената рака, обидувајќи се да добие мрежа. Предавателот на Епи веќе неколку недели е урнат. Нема прием.

Автор: Лидиа Лајперт / Ана Алибегова

Редактор: Александра Трајковска