1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нападнатиот конзулат во Бенгази бил база на ЦИА

БГ/миа2 август 2013

Американскиот конзулат во либискиот град Бенгази, кој беше нападнат од страна на исламистичка група на 11 септември минатата година, бил база на ЦИА, јави телевизијата Си-Ен-Ен.

https://p.dw.com/p/19IcX
Фотографија: AP

Според истражувачка сторија на оваа телевизија, во конзулатот во Бенгази имало десетици агенти на ЦИА, јави дописникот на МИА од Вашингтон. Во нападот врз конзулатот беше убиен амбасадорот Кристофер Стивенс, вработен во амбасадата и две лица од обезбедувањето, но воедно голем број Американци, до 35 лица, беа евакуирани или ранети.

Но, американските власти не ги откриваат нивните имиња и досега не дозволија нивен пристап до медиумите. Според истражувачка сторија на Си-Ен-Ен, причина за ова е што големата група Американци во Бенгази биле агенти на ЦИА и Агенцијата прави се што е во нејзина моќ да ја спречи јавноста да дознае што се случувало во овој град. Телевизијата цитира анонимни лица кои биле во Бенгази на денот на нападот, кои велат дека со секое изнесување на дополнителни информации во јавноста тие се изложени на закани, како и нивните семејства. Агенти на ЦИА велат дека во текот на јануари биле подложувани на редовни сослушувања со употреба на детектори на лаги, чија цел била да се утврди дали случајно се среќавале со новинари и изнесувале податоци за нападот кој се уште се смета како нецелосно разјаснет.

Републиканските конгресмени организираа сослушување на вработени во Стејт департментот, вклучително и тогашниот државен секретар Хилари Клинтон, за да се утврдат фактите за Бенгази. Но, тие обвинуваат дека ЦИА ги крие имињата на нејзините агенти кои законски имаат обврска да се појават, барем на затворена седница во Конгресот и да им кажат на членовите на Комисијата за разузнување што точно правеле во Бенгази.

Libyen/ Bengasi/ US-Konsulat-Anschlag
Уништената зграда на американскиот конзулатФотографија: dapd

Една од најраспространетите шпекулации е дека Бенгази бил центар на ЦИА од каде Агенцијата пренесувала оружје, вклучително и противавионски ракети, за потребите на противниците на режимот на Башар ал Асад во Сирија. Обама неодамна ги обвини републиканците дека ја занимаваат јавноста со лажни скандали. Освен Бенгази, неговата администрација е погодена од серија скандали поврзани со злоупотреба на државните институции за прислушување или вршење економски притисок врз опозицијата. Во меѓувреме, американските власти планираат в недела да затворат голем број од амбасадите во главно муслиманските земји, поради добиена закана. Предвидено е да бидат затворени амбасадите во Египет, Ирак, Авганистан, Катар, Бахреин, Кувајт и ред други држави.