1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нападот врз џамијата Аскари предизвика бран од насилства во Ирак

Бјерн Блашке / Агенциски извештаи23 февруари 2006

Уништувањето на едно од најголемите светилишта на шиитите, оценето како свесна провокација од сунитските атентатори, го предизика посакуваниот ефект

https://p.dw.com/p/Ac8f
Разурнатата џамија
Разурнатата џамијаФотографија: picture-alliance / dpa/dpaweb

Ирачката полиција соопшти дека денеска изутрината беа пронајдени мртви тројца ирачки новинари. Дописничката на телевизијата „Ал Арабија“, Атвар Багад, и двајца членови на телевизискиот тим беа грабнати синоќа, а четвртиот успеал да побегне. Настанот се одиграл на периферијата на Самара, роден град на убиената Багад. Од таму тв-екипата вчера известувала за нападот во кој беше уништена златната купола на една од најважните џамии на шиитските муслимани Ал-Аскари, заедно со гробовите на двајца шиитски имами од 9-от век.

Атентатот натамошно го распали стравот од отворен судир меѓу шиитските и сунитските муслимани. Религиозни и политички лидери на земјата претпоставуваат дека тој е дело на сунитски исламистички групи и има за цел да провоцира одмазда и ескалација на насилството. Настаните како да ги потврдуваат претпоставките.

Во Басра беа убиени 12-мина сунитски екстремисти – главно Египќани, откако претходно сторителите нападнале затвор во тој град на југот на Ирак, ги совладале стражарите и одвлекле повеќемина затвореници-сунити. Подоцна беа пронајдени телата на убиените затвореници, кои наводно пред смртта биле и измачувани.

Ноќеска само во главниот град Багдад и околината се пронајдени телата на 47 лица изрешетани од куршуми. Засега се’ уште не е јасно дали станува збор за одмазднички акт во врска со нападот врз џамијата Ал Аскари. Во инцидентите во сите делови на земјата настрадаа и тројца сунитски свештеници. Во напад со подметната бомба на пазарот во Бакуба загинаа најмалку 12 лица, меѓу нив и висок офицер на ирачката армија. За последните 24 часа севкупно се убиени најмалку 78 луѓе. Во текот на ноќта се запалени многубројни сунитски џамии.

Ирачкиот претседател Џалал Талабани, премиерот Ибрахим ал-Џафари и други истакнати ирачки личности упатија апели до јавноста да не дозволи да биде подбуцнувана на насилство, туку мирно да протестира против нападот во Самара.

Европската Унија го осуди нападот врз џамијата во Самара, како и насилствата што уследија потоа. „Насилството во Ирак сега мора да престане“, побара главниот дипломат на Унијата Хавиер Солана денеска во Брисел. Мора во мир да продолжи формирањето влада, која ќе се потпира врз мирољубиво општество на различни религии, рече Солана.

Апели се упатени и од САД: портпаролот на министерството за надворешни работи Скот Меклилен го повика ирачкото население на воздржаност и на почитување на законот, укажувајќи дека „насилството само ќе придонесе за остварување на целта што ја имаа терористите со тој акт“.