1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Напад врз американски конвој во Бејрут

16 јануари 2008

Во бомбашки напад во Бејрут вчера беа убиени четворица Либанци, други 20 се ранети. Нападот се случи во кварт главно населен со христијани и очигледно беше насочен кон конвој автомобили на американската амбасада.

https://p.dw.com/p/CqFK
Силната експлозија однесе четири животиФотографија: AP

Експлозијата се случи на крајбрежната улица во Ал Давра, кварт во Бејрут главно населен со христијани. Џо Хајек, очевидец:

„Експлозијата вистина беше голема. Нашите бироа се уништени. Мислам, имаше тројца загинати, еден од нив минувач кој штотуку ја преминуваше улицата. Да се доживее вакво нешто е сосема поинаку, отколку кога ќе се слушне за такво нешто. Се надевав дека ќе престанат, но веќе не верувам„.

Во меѓувреме е познато: четворица загинати, сите Либанци и дваесетина ранети. Цел на нападот возило на американската амбасада во Бејрут. Либанскиот премиер Фуад Синиора ја свика владата на кризна седница. Наила Муавад, министерка:

„Тоа е нов чекор со кој сирискиот режим со иранска поддршка сака да го дестабилизира Либан. Првпат по повеќе години цел беше американски конвој. На тој начин злосторствата натаму ескалираат„.

Во таборот на либанската опозиција се проценува дека е веројатно извршителите да се од круговите на сунитиските милитанти на Ал Каеда. Меи Акл, портпаролка на екс-генералот Мишел Аун:

„Прво што помислив е дека ова не треба да се посматра изолирано од заканите на Шакер ал Баси од терористичката група Фатах ал Ислам. Се покажува колку е сложена ситуацијата„.

Ал Баси беше водач на групата Фатах ал Ислам која во минатото лето во бегалскиот логор Нар ал Баред водеше едномесечни борби со либанската армија. Тој успеа да избега и во минатата недела преку интернет упати нови закани, пред се против либанската армија.

Либан од ноември е без претседател, а и владата и парламентот се парализирани.